По повод 18 ти Октомври, Европскиот ден на борбата против трговија со луѓе, во големата сала при НУЦК Марко Цепенков, со почеток во 19 часот Радио Пела во соработка со аматерскиот младински театар „Слободно театарче“ СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп и Канцеларијата на Советот на Европа – Скопје, ќе ја реализира премиерната изведба на аматерската театарска претставата “Маѓепсан круг“. Радио драмата и театарската претстава „Маѓепсан круг“ вклучуваат четири приказни за борба против невидливите синџири што ги држат жртвите на присилни бракови и трговија со луѓе. Автор на драмски текст и сценарио e Филип Стојаноски, a режијата и сценографија е на Билјана Тинтоска.
„Благодариме на драмската секција „Слободно театарче“ од СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп која се вклучи и навистина ревносно и темелно ја изработи оваа тема, темата поврзана со трговија со луѓе, со акцент на предвремени детски бракови или малолетнички бракови. Сето тоа беше надополнето со музичкиот албум „Апокрив“ на Добрила Грашеска и Доријан Јовановиќ, односно Добрила и Доријан дуо, кои дадоа една посебна димензија на самата драма, а која ќе можете да ја пронајдете на кју-ар кодот кој веќе го има на плакатот, трае 45 минути и говори за жртвите на деца, малолетници од кои некои успеале да се спасат, а некои не успеале да се спасат од трговија со луѓе, односно од малолетнички бракови, како посебна форма на трговија со луѓе. Целта на самиот проект кој е наречен „Промени го мислењето, остани надвор од маѓепсаниот круг“ и е дел од акцијата против трговија со луѓе во Северна Македонија, како дел од европската иницијатива за соработка на Унијата и Советот на Европа за Западен Балкан и Турција, е на еден подиректен и попристапен начин да ја доближи оваа појава до локалната заедница, со единствена цел да може да ги препознае, детектира и пријави овие малолетнички бракови“, истакна Елизабета Филипоска, Радио Пела.
„Многу често се случува малолетни ученички како во нашето, така и во останатите училишта во општинава да влезат во малолетнички бракови пред полнолетство, реагираат родителите, пријавуваме во Центарот за социјални работи, пријавуваме во МВР и оттука понатаму тие си ја преземаат работата во свои раце. Меѓутоа, за да ги спречиме малолетничките бракови, често организираме работилници, вклучени се тука класните раководители, предметните наставници, педагошко-психолошката служба, многу често е разговарано со учениците, повикувани се на разговор, советувани се, меѓутоа за жал скоро никогаш не наидуваме на разбирање од ученичките. она што одлучиле да го направат го прават, заминуваат и последиците си ги согледуваат подоцна, кога за жал е доцна“, вели Жанета Видеска, директорка на СОУ „Ѓорче Петров“.
„Веруваме дека колку и да работиме на тоа, свеста и кај семејството не е развиена како што треба. Предизвикот е голем, затоа што работејќи на овој проект ние допревме подлабоко до овој проблем преку ликовите што ги толкуваат децата. Кога со Филип разговаравме, предизвикот беше голем бидејќи имавме конкретни изјави кои беа уште посимптоматични, во смисла да биде посилна поракта, затоа што кога слушаш лична исповед тоа е уште поголем мотив. Ќе слушнете и од децата за нивното искуство при толкувањето на улогите, влегувањето во таа проблематика, за мене како режисер и работата со децата навистина претставува особено задоволство, посебно создавањето на радио драмата, бидејќи со театарски претстави постојано се соочуваме, работиме и тоа е исто така едно огромно задоволство, но радио драма прв пат работиме со децава и тоа беше едно посебно искуство“, рече професорката Билјана Тинтоска, режисер и сценограф на претставата.
„Терминологијата трагедија за нашата театарска група е нешто ново, нешто што сега започнуваме да го работиме изминатава година. Додека ја спремавме радио драмата и сега додека се спремаме за промоцијата на нашата претстава на сцена, имаме напорни проби кои некогаш се макотрпни и треба да се посветиме на нив за да исцелиме кон она што сакаме да се реализира. За мене и за сите нас кои сме во драмската секција улогите се сосема спротивни од она што ние сме како личности, се контраст на нас самите. Јас толкувам улога која по име е Ристана и се работи за самохрана мајка на 6 деца кои што немаат пари, таа работи како аргат на тутун и секогаш добива половина како дневница од она што и е потребно. Се мачи и се труди да заработи за да ги прехрани своите 6 деца кои и значат живот и јас себе си никогаш не се замислував во таква улога, бидејќи самиот поим трговија со луѓе за мене ми беше непознат се додека не почнавме да ја работиме самата драма. Кога започнавме со работата јас истражував, бидејќи сум љубопитна по карактер и сакав да видам за што станува збор, со цел подобро да ја пренесам улогата која треба да ја толкувам. Ни беше многу тешко за ние самите да успееме во она што сакаме да ги исцелиме во однос на тоа дека толкувавме улоги спротивни на нас и најчесто претходно кога спремавме улоги добивавме улоги кои се слични на нашите карактеристики во приватниот живот“, кажа Исидора Николоска, учесник во претставата.
„Во радио драмата и во претставата јас сум таткото кој си ја продава својата ќерка поради немање на доволно парични средства. Ми беше предизвик да се пронајдам во оваа улога бидејќи досега на претходните претстави сум бил татко, но секогаш сум бил таткото кој си ја сакал фамилијата и си ги почитувал вредностите. Но сега за прв пат си цапнувам на себе си и каков сум како карактер, не ја ставам фамилијата пред се, туку парите, бидејќи во приватен живот не сум таков и јас сум таткото кој неизвесно чека да дојдат странците, од Италија да ја купи неговата ќерка. Се расправам со мојата жена додека дојде ќерката и кога таа ќе дојде јас на неа ги искажувам најгнасните чувства на човекот, ја земам и ја правам робинка од нејзините 13 години“, додаде Михаил Јорданоски, учесник во претставата.