На 20 октомври ќе се одржи четвртото издание на рекреативната и едукативна велосипедска тура, Вело тура за култура, во организација на Здружението „Платформа за КРЕАТИВНИ КОНЦЕПТИ“ од Прилеп. Основна цел на турата е промоција и афирмација на културното и историското наследство во Прилеп и околината, притоа спојувајќи го сето тоа со спорт, рекреација и здрави навики на живот, или во случајов велосипедизмот.
„Целта на оваа тура е промоција и афирмација на културното и историското наследство на Прилеп, кое е доста богато и навистина има што да се презентира, како пред домашните, така и пред странските туристи. Но сето тоа го поврзуваме со здравиот начин на живот и спортувањето, односно возењето велосипед, бидејќи велосипедот е одлично превозно средство со кое можат да се посетат бројните локалитети кои се во близина на Прилеп“, истакнаа од Платформа за КРЕАТИВНИ КОНЦЕПТИ од Прилеп.
Фокус на ова издание на Вело тура за култура ќе биде Археолошката поставка во Завод и музеј Прилеп, како и посета на таканаречената Кралска гробница, која се наоѓа во археолошкиот локалитет Старо Бонче.
„Турата ќе започне од пред Завод и музеј Прилеп со посета на Археолошката поставка, во која што се наоѓаат извонредни артефакти, како најстариот жртвеник на Балканот стар преку 6.000 години, голем број на скулптури, а меѓу најзначајните изложени предмети се и два од трите антички штитови со 12-крако сонце на кои е напишано името на македонскиот антички крал Деметриј, а кои се пронајдени во близина на Кралската гробница која се наоѓа меѓу селата Подмол и Бонче. Значењето на артефактите во Археолошката поставка ќе биде објаснато од страна на стручни лица вработени во Завод и музеј Прилеп. Турата од тука продолжува кон главната атракција, односно познатата Кралска гробница, која е единствена од таков вид и толкав размер пронајдена во Македонија и една од трите пронајдени на светско ниво, со другите две на територија на Грција. Исто како во Археолошката поставка, значењето на оваа уникатна и доста значајна гробница ќе биде објаснато од страна на стручни лица од Завод и музеј Прилеп. Со тоа, четвртото издание на Вело тура за култура нуди одлична можност за сите кои ги немаат посетено овие 2 атракции од културното и историското наследство на Прилеп да го направат токму тоа, а и за тие кои ги имаат посетено ова ќе биде одлична можност да научат нешто повеќе за истите“, велат организаторите.
Станува збор за средно тешка тура (5 од 10) која би можел да ја извози секој со нормална физичка подготвеност. Турата е долга вкупно 52 километри, со 470 метри елевација, 60% асфалт и 40% офроад, така што потребен е велосипед со офроад гуми.
„Теренот не е воопшто технички тежок, така да со било каков велосипед со офроад гуми не би имале проблем да ја извозите. Бидејќи има сегменти кои се офроад со угорнини и удолнини, потребен е технички исправен велосипед, а носењето на кацига е задолжително. Ќе биде обезбедена и помош околу мали интервенции на велосипедите на терен, доколку е потребно“, додаваат организаторите.
На претходните изданија на Вело тура за култура беа посетени „Музејот за тутун“ во Прилеп и „Спомен домот на Блаже Конески“ во село Небрегово во првото издание, наредната година во фокус беа поставката на „Роднокрајно музечко творештво“ при Завод и музеј Прилеп и „Спомен домот на Пеце Атанасовски“ во село Долнени, додека лани се посетија „Лапидариумот“ исто при Завод и музеј Прилеп и археолошкиот локалитет „Стибера“ кај село Чепигово.
„За жал многу мал дел од нашето население е запознато со богатството кое го поседува Прилеп во вид на историско и културно наследство. Токму затоа, со оваа наша тура сакаме да дадеме допринос во афирмација на тоа богатсво, како и да придонесеме за туристичка промоција на Прилеп преку овој алтернативен тип на туризам, односно велосипедизмот“, потенцираат од Платформа за КРЕАТИВНИ КОНЦЕПТИ Прилеп.
Бидејќи станува збор за рекреативна и едукативна тура, како на претходните изданија, така и оваа година учеството на истата е бесплатно и не е предвидена котизација, а бесплатен ќе биде и влезот во музејот за сите ученици на турата.
Повеќе податоци за турата можат да се најдат на следниот ЛИНК.