Мојсоска: Законски измени за платено породилно отсуство на земјоделките, наместо програми на министерства

Facebook
Twitter
Email
Print

Власта заеднички да донесе законски измени за платено породилно отсуство на жените – земјоделки, апелираше пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, за време на Јавната расправа за родова инклузија на руралната жена по повод Меѓународниот ден на руралната жена.

„За состојбата во руралните средини говори фактот дека дури 62% од населените места во Македонија имаат помалку од 100 жители – што кажува дека не денес, туку вчера, требаше да се започне со системско решавање за депопулацијата во руралните средини“, потенцираше Мојсоска.

Мојсоска потсети дека претходната влада не го стави на пленарна седница Предлог – законот од Левица во интерес на земјоделките.

„Нашиот Предлог – закон за платено породилно отсуство на жените – земјоделки, претходната влада, за жал, не го стави на пленарна седница. Наместо тоа, се донесе импровизирано решение од Програма за социјална поддршка, која ја донесува Министерството за земјоделие“, рече Мојсоска.

Во своето излагање, таа истакна дека во 2023 година, само 2 жени – земјоделки поднеле барање за остварување на правото на породилно отсуство.

„Тие 2 барања не биле разгледани до моментот на вршење на ревизијата. Тоа, исто, укажува дека условите за користење на поддршка од Програмата се дискриминаторски“, образложи Мојсоска.

 

„Јас сметам дека правото на платено породилно отсуство е ЗАКОНСКА материја и тоа не смее да зависи од дискреционото право на некој министер да донесе програма. Јас апелирам и се надевам дека нема да заврши уште еден мандат без жените – земјоделки да добијат законско решение за платено породилно отсуство, а Левица е подготвена повторно да поднесе предлог – закон, со апел – актуелната власт да го поддржи“, поентираше Мојсоска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи