Се збратимија Општина Прилеп и Општина Буџа, најголемата општина во Измир

Општина Прилеп се збратими со турската општина Буџа која е најголема во градот Измир. Договорот за збратимување е потпишан во рамки на официјалната посета на оваа општина од страна на делегација од Општина Прилеп, предводена од градоначалникот Борче Јовчески, а на покана на градоначалникот на Општина Буџа, Ѓоркем Думан.

Градоначалникот Јовчески информираше дека посетата се совпаднала и со одржувањето на 12-тиот по ред „Буџа Балкан Фестивал“.

„Средбите беа од големо значење за збогатување на нашите билатерални односи, а особено ставивме фокус на потпишувањето на Договорот за збратимување помеѓу општина Буџа и општина Прилеп. Ова е значаен чекор кон понатамошно зацврстување на нашите пријателски односи, но и продлабочување на економската соработка, културните разменувања и младинските иницијативи. Преку вакви активности, заедно ќе создадеме платформи за размена на студенти, културни проекти и зајакнување на нашите локални заедници“, истакна Јовчески.

Тој додаде дека оствариле значајни средби и со локалните образовни и јавни институции, вклучително градинки, училишта и младински центри.

„Се запознавме со нивните модели на работа и функционирање и се надеваме дека ќе можеме да ги примениме позитивните практики во нашата општина Прилеп, со цел да го подобриме секојдневното функционирање на нашите јавни претпријатија и административните услуги“, изјави Јовчески.

Според него особено емоционална била средбата со Здружението на иселениците од Канатларци, Ерековци и други населени места од општина Прилеп. Тој додава дека овие луѓе, иако живеат и работат во Буџа, не ги заборавиле своите корени и родната Македонија.

„Пренесовме топли поздрави од нашата заедничка татковина и изразивме поддршка и отвореност за идни соработки“, вели Јовчески додавајќи дека целта е да се зајакнат врските меѓу општините и да се создадатуслови за поблиска соработка во сите аспекти на општественото живеење.

Тој нагласи дека имале можност и да уживаат во културните богатства на балканските народи, преку музика, народни ора и традиции.

„Особено ни беше задоволство и огромна чест да ги слушнеме македонските песни и мелосот, кој допре до сите нас и ни ги врати спомените на нашите традиции. Буџа, како најголема општина во Измир со население од околу 500.000 жители, ни понуди прекрасна можност за запознавање со нивните културни знаменитости и историски обележја. Овие моменти ни дозволија да го препознаеме заедничкото историско наследство кое ги поврзува нашите два народи“, потенцираше Јовчески.

Тој изрази уверување дека оваа соработка ќе биде од голема корист за двете општини и граѓаните.

Освен Општина Прилеп, на последниот ден од „Буца Балкан Фестивал“, и Општина Берово потпиша протокол за збратимување со општините Буџа, Сејдишехир и Ерменек од Турција.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи