ВИДЕО – Кралската гробница кај Бонче и Подмол – чувар на тајната за изгубениот град Пелагонија


Ја посетивме таканаречената кралска гробница во селото Бонче, а околу овој навистина еден од најимпресивните археолошки објекти пронајдени во Македонија, ќе поразговараме со Антонио Јакимовски, раководител на истражувањата кои што тука започнаа уште во 2007 година од страна на филозофскиот факултет.

Господине Јакимовски, навистина е еден импресивен објект којшто е единствен од ваков тип во Македонија, а можеби се најде уште како според моите информации, уште само неколку во сегашна Грција.

Јакимовски: Така е, значи се наоѓаме пред еден од најубавите објекти од раноантичкиот период кој што го имаме во Македонија и еден од ретките воопшто којшто го имаме. Станува збор за гробница од македонски тип, такви досега има откриено повеќе од седумдесетина, меѓутоа со ваков концепт, значи со овој кружен прстен којшто ја обиколува се многу ретки. Како што кажавте, истражувањата на оваа локација, локацијата се вика Павла Чука, археолошкиот локалитет,  започнавме во 2007 година. Значи поттикнати, најпрво започнавме со истражувања во наша позадина се наоѓа Висока на археолошкиот локалитет Висока заедно со професорот Виктор Лилчиќ Адамс, кој што и беше раководител на истражувањата. Потоа следуваше пронаоѓањето на трите штитови од македонски тип, штитовите кои припаѓале на војници од гардата на Деметриј, македонскиот крал Деметриј и за потоа да почнеме да ја истражуваме оваа гробница. Значи гробницата е ископувана уште за време на Првата светска војна. Има информации меѓу мештаните 1936 година, Никола Вулич, професор од Белград, ја ископал само комората. Која што ќе ја видиме подоцна.

Дотогаш била затворена?

Јакимовски: Да, дотогаш била затворена, меѓутоа, според информациите што ги имаме од истражувањата, значи била опљачкана уште во антиката гробницата, затоа и не знаеме за кој станува збор, за кој владетел којшто бил погребан внатре станува збор.

Значи сеуште не се знае кој бил погребан во оваа, како што кажав таканаречена кралска гробница?

Јакимовски: Така, се уште не знаеме, затоа истражувавме, еве со години истражуваме, почнувајќи од 2007 година, прво во рамки на проектот Висока и Старо Бонче започнавме со истражување, кога го пронајдовме овој кружен ѕид околу помисливме, видовме дека станува збор за уникатна гробница од овој тип, за којашто подоцна продолживме со истражувања и го истраживме целиот овој регион, којшто е наречен Старо Бонче баш поради тоа што има толку многу локалитети.  Пред да започнеме со овие истражувања, во археолошката карта имаше вкупно 7 заведени локалитети на цел овој простор Старо Бонче, којшто ние подоцна го нарековме археолошки комплекс Старо Бонче на којшто имаме досега пронајдено и ископувано, истражувано над 20 археолошки локалитети со некрополи, со градби од градот за кој прв претпоставката ја даде професорот Виктор Лилчиќ Адамс, дека тука е античкиот град Пелагонија,  значи Кралството на Пелагонците и подоцна по македонско – римските војни значи, центар на четвртата Македонска мерида.

Да, за да имаме ваков импресивен објект, се претпоставува дека тука се наоѓал некој поголем Град или населба, ете се претпоставува дека е градот пелагонија, но за жал и тоа сеуште не е потврдено дека е така.

Јакимовски: Се уште не е потврдено, во моментот во тек публикување на книгата „Убикација на античкиот град Пелагонија“, каде што автор е професорот Виктор Лилчиќ Адамс и јас сум коавтор. Исто така наредна книга ни е значи исто оваа година ќе излезе книгата „Старо Бонче“, каде што ќе биде сето опишано. Значи ни фали уште крунскиот доказ, натпис на кој што ќе пишува дека ова градот Пелагонија.

Како се поврзани, го спомнавте врвот Висока заедно со гробницата и целиот овој простор?

Јакимовски: Така, целиот овој целиот овој простор значи според некрополите, каде што се закопани луѓето и за да се изгради ваков еден објект, значи потребни се илјадници луѓе да работат на ова. Претпоставуваме за еден голем град, којшто подоцна од овие простори се поместува надоле во селото Подмол. Во римско време веќе е подоле градот, а тоа е горниот град, акрополата, или како едно светилиште Кула стража и едно светилиште горе бидејќи се наоѓа на 1472 метри исто со импресивни вакви камени блокови, прекрасен локалитет.

Значи тој е поврзан…?

Јакимовски: Да, функционирале заедно во целото нивно егзистирање кое што е од некаде 5 до 2 век пред нашата ера на овие простори и од 2 век, после тие македонско – римски војни градот е спуштен надоле во денешното село, значи целото село Подмол лежи на остатоци на еден антички град.

Од она што може да се забележи тука, години се истражува, но сепак за жал овој објект останува некако незаштитен, необележан, недоволно афирмиран, иако како што кажавме е уникатна градба во Македонија.

Јакимовски: И еден од најубавите којшто го имаме во Македонија, значи на територија на денешна Македонија имаме две вакви гробници, едната е во Охрид и за жал и таа е затворена, исто и оваа. Значи наредни работи кои што треба да се преземат е таа да се конзервира, да се покрие, да се изимитира истото ова, значи да ја спомнеме гробница во Вергина која што е таканаречена Филипова гробница е еден од најпосетените локалитети, а е од истиот тип, истото многу слично на она што го имаме овде.

Зошто ние како држава не го уредуваме овој простор како што знаат тоа да го направат Грците?

Јакимовски: Секогаш бараме и се надеваме дека тоа ќе го направиме во иднина, еве секогаш има ветувања, меѓутоа  еве гледате каде сме, до тука сме.

Поминале повеќе од 2000 години откако е направена?

Јакимовски: 2400 години се, значи гробницата е точно датирана 325 до 300 година пред наша ера. Значи таа датација според аналогни гробници ја дадовме уште во 2007 година, меѓутоа подоцна со откривањето на гробницата во Амфиполис , идентична, поголема од оваа, меѓутоа со истиот концепт и многу слична на оваа, ја датираат 316та година. т. е. во истиот овој период што ни го потврди и нашето датирање, така што околу 2300 години е стара оваа гробница.

Останала зачувана, иако поминале повеќе од 2 милениуми, како што кажавме, но дали доколку не се конзервира, постои опасност да се уништи овој објект?

Јакимовски: Секако, постои опасност, затоа е потребно најитно што се може да се пристапи кон нејзина конзервација.

Кога врне целиот овој простор буквално наликува на базен и практично целата гробница е под вода?

Јакимовски: Целата гробница е под вода, имаме ерозија над неа значи дрвата си го прават своето, корењата. Многу е можно од некаков земјотрес , од некое свлечиште да ја изгубиме, да го изгубиме ова што го имаме.

Како што кажавме, навистина е еден импресивен објект, ова е влезот на самата гробница, гледаме огромни камени блокови од коишто е направена оваа гробница. Исто така навистина еден интересен свод со ходник кој што води до таму, ќе ја видиме после главната комора, нешто што не може да се види на друго место во Македонија.  Во каква состојба 2007 година ја затекнавте оваа гробница кога започнавте со истражувањата, дали беше нешто откриено, дали беше истата состојба?

Јакимовски: Значи кога ја видовме во 2007 година се гледаа единствено овие камења и овој дел од овој камен. Не ни знаевме дека постои нешто нешто друго, ова што е околу и ова беше непроодно.

Затрупано?

Јакимовски: Цело затрупани со земја, комората воопшто не се ни гледаше. После 1936 година кога е ископана таму комората, 1985 година направено е напор и е исчистена до негде, меѓутоа со ерозија од дождови, ова беше цело покриено, едвај да се гледа.

Значи воопшто не се познаваше дека станува збор за некаков вид на гробница?

Јакимовски: Се познаваше, ако некој знае каде, а ја знаат мештаните, ама се знаеја неколку блокови се гледаа дека станува збор за тоа. Значи ископувањата ги започнавме точно од тука од кај што е овој камен и тогаш го откривме дека имаме кружен ѕид околу што беше кружен прстен околу целата гробница. Тоа беше изненадувањето за нас и од тогаш започна тој проект систематски археолошки истражувања на Старо Бонче и на оваа гробница. Така што за овие години, освен што го откривме ова во околината откривме голем број гробови коишто ни кажуваат дека оваа гробница ја чествувале т.е. станала култен објект. Така во доцната антика меѓу 4. и 6. век имаме голем број гробови. Интересно тука 11 детски гроба само. И потоа во средниот век  10 и 11 век имаме повторно погребување, значи еден долг период е во функција оваа гробница како свето место.

Дали овде имало некаква врата пред да се влезе во неа?

Јакимовски: Да,  овие се блоковите доле што се паднати и овие се уствари вратата со којашто била затворена. Ние се наоѓаме во дромосот, што значи ходник, патот значи како рампа се спушта, може да ја видиме тука оваа карпа како е сечена за потоа да дојдеме до тука. Од тука започнува главниот дел на на гробницата, која што е затворена, после погребувањето се затворила и целата се насипува со земја.

Да не се познава дека станува збор за гробница?

Јакимовски: Да не се познава , единствено значи големината ја дава земјата, земјениот насип,тоа се вика тумул и ја отсликува важноста на покојникот кој што е погребан внатре.

Значи гробницата како што може да се забележи е вкопана внатре?

Јакимовски: Вкопана во карпа, во природна карпа е вкопана и после тоа е изѕидана. Еве стоиме на карпата, а и позади кај комората ќе ја видиме како е фино исечена прво карпата и внатре во карпата е целата изѕидана.

Практично ова околу нас сето карпа, а овие камени блокови се додавани подоцна.

Јакимовски: Накнадно направени за да се направи овој свод т.е. значи за процесијата. Ова е дромосот, затворениот дромос преку кој што оди процесијата, па пред комората и во комората каде што е закопан покојникот.  Значи главниот дел.

Дали се наоѓало нешто тука во овој ходник?

Јакимовски: Не, ова е само ходникот, ова е дромосот, пролазот. И нтересно е да се каже дека овие блокови се без врзивно средство, значи нема малтер, нема ништо, стојат единствено на својата тежина и така се добро изработени не може ни игла да се стави меѓу нив. Значи ремек дело на таа античка архитектура.

Гледаме дека и тој како полусвод  тука е направено, полукруг да речам, како стои без сврзно средство?

Јакимовски: Стои на самата своја тежина, има повеќе теории, значи за овој си има и стручен назив сводот дека македонските архитекти кои што оделе со Александар од Персија го носат после, затоа и така е дотацијата на повеќето од тие гробници, дека е преземена од  македонски архитекти коишто биле во рамки на војската на Александар Македонски.

И како што кажавме 2 400 години некаде ова стои и не е паднато…?

Јакимовски: Без конзервација, без ништо ,ништо не е пипнато.

Да се надевам дека ќе стои понатаму и дека нема да се случи трагедија.

Јакимовски: Да се надеваме, меѓутоа подобро е да преземеме нешто за да бидеме сигурни дека ќе стои во оваа состојба.

Како што кажавме претходно, ова е вратата од каде што влеговме, овие камења стоеле како врата тука што се паднати?

Јакимовски: Тие 4 што ги гледаме камења се сите на своето место и овие се паднати дел внатре, дел напред, значи целото ова било затворено.

Значи 2007 година овде ние каде што стоиме беше буквално со земја?

Јакимовски: Да, сето со земја , малку се гледаше, ама пак ништо да речеме, значи само лисици каде што се пикале, толку беше.

Се наоѓаме во главната комора, тука бил покојникот,  тој големец, крал, како да го кажеме, владетел во тој период што бил, а самата гробница е навистина интересна, тука гледаме вдлабнатини во овој камен, најверојатно тука билапрвата врата, а тука каде што стоиме била втората врата како преткомора и главна комора, каде што, како што кажавме се наоѓал покојникот.

Јакимовски: Влегувајќи од дромосот или ходникот влегуваме прво во преткомората, тоа е прагот на преткомората кај што стојат дрвените врати коишто се отвораат, сега ние стоиме на прагот којшто влегува во комората. И ова изѕиданото е комората, ако може да се види да сними камерата, се гледа како е таа карпа убаво исечена, тука скали, како исечена и во којашто е всадена оваа комора.

Значи практично во самата карпа се наоѓа гробницата?

Јакимовски: Гробницата е  направена од камен бигор кој штого нема во поблиската околина. Иако е понеквалитетен од мермерите на коишто стоиме или овој камен надвор,но поценет бил, најверојатно затоа е направена и комората на гробницата од овој камен.

Дали се знае зошто баш од бигор и од каде е носен?

Јакимовски: Па, нема во најблиската околина, значи е носен од многу подалеку. За овој камен имаме претпоставки неколку места од каде што е ваден, тука во близина на 800 метри. Не кажавме дека секој од овие блокови тежи од 2, 3 до 5 тони тежина има имаат овие блокови.

Како се носеле овие блокови и која била техниката?

Јакимовски: Влечени се и со чекреци, нема машина, нема ништо, значи со чекрек сето тоа е направено.

Овде позади нас гледаме и некои камења што се околу самата главна комора, за што служеле тие?

Јакимовски: Тоа се т.н. клинеа или лежишта на коишто биле поставени даровите. Кога се погребувале, според аналогии, ретки се тие што се пронајдени цели, затоа што отсекогаш се знаело дека постои тука нешто и дека се многу богати, значи даровите се тука наредени.

Покојникот бил поставен на нешто?

Јакимовски: Покојникот бил кремиран, спален, изгорен и е поставен во урна, осуар.

Значи не е со неговото тело?

Јакимовски: Не хумација, туку е кремиран покојникот. Станува збор за кремиран покојник.

Тоа е според тогашните традиции на погребување?

Јакимовски: Да, според тогашните традиции на погребување, на тој начин е погребувањето, се спалува, се собира тоа во урна и се положува во гробот.

Така беше гробницата, така била како што е сега состојбата?

So the tomb was like that? Ова е тоа што е сочувано, инаку истото ова треба да го замислиме со свод, исто како што е дромосот.

Со исти такви камени блокови?

Јакимовски: Исто така значи целото е засводено, но за жал тоа е уништено кога е ограбувана, после ископувана во Првата светска војна, 1936та година е уништено тоа.

Дали се претпоставува што е што би можело да се земе од тука ете 1936та?

Јакимовски: Ништо не е земено, гробовите надвор ни покажуваат дека уште во 4. Век, најдоцна во 4. Век, тоа ни е потврдено со монета дека тие знаеле за ова место и се погребувале тука. Штом тогаш го знаеле местото сигурно не оставиле тука од тие вредни предмети коишто биле, затоа што во гробот и во овие гробници се ставаат највредните работи што ги имал покојникој што е погребан.

И уште едно прашање околу оваа гробница, гледаме тука едни скалички,дали имааат некаква симболика или служеле за нешто?

Јакимовски: Можеби да се работи за симболика, а може да се работи и за време на ѕидањето, бидејќи ова барало огромна умешност, значи се е рачно кревано, носено, местено.

И останае кога се затворила самата гробница?

Јакимовски: Значи тука исто како што рековме треба да замислиме свод и врз ова да замислиме огромен куп на земја.

Како што кажавме и на самиот почеток на овој разговор, една ваква гробница не би можела да се изгради сама доколку навистина нема голем град околу неа, односно како што се претпоставува четвртата изгубена македонска престолнина, градот Пелагонија. По неа целата светска археологија трага повеќе можеби од 150години…

Јакимовски: Речиси 200 години веќе трагаат по тој град, ние сме на пат да го најдеме,убедени сме, мислиме дека еве тој град е баш тука на просторот на Старо Бонче.

Но, ни недостасува како што кажавте оној натпис со градот Пелагонија.

Јакимовски: Потврдата ни фали, последната потврда, инаку тоа е град како што е Пела,Тесалоники, Амфиполис, овој Пелагонија е четвртата, исто кова свои монетисо натпис Македонија Четврта,така што мислам дека стоиме,освен во еден од најубавите можеби и најубавиот раноантички објект, еден од најзаначајните локалитети кој што ги имаме во Македонија.

Колкаво би било значењето за Македонија, за нашиот народ  доколку се открие ете овој град?

Јакимовски: Па голема е потврдата, бидејќи единствено овој град се наоѓа во денешната територија на Македонија, другите три се на денешна територија од Егејска Македонија.

Како што кажавме претходно тоа се градовите Пела, Тесалоники и Амфиполис.

Гробницата во близина на селото Подмол или како што ја нарекуваме кај селото Бонче,се наоѓа во комплексот на археолошки наоѓалишта којшто е насловен Старо Бонче. Тука имаме откриено повеќе наоди еве во моментов ние се наоѓаме во Археолошката поставка во Заводот и Музеј со археологот Душко Темелкоски и позади нас се навистина едни импресивни наоди коишто се пронајдени токму на тој локалитет.

Темелкоски: Комплексот на археолошки наоѓалишта Старо Бонче се истражува веќе неколку кампањи, заедно нашиот прилепски музеј во соработка со катедрата за археологија од Филозофскиот факултет во Скопје и во тие истажувачки кампањи, покрај истражувањата што се вршат околу гробницата на тој владетел од 3ти век пред наша ера, за којшто сепак немаме податоци кој би можел да биде тоа, меѓутоа истражени се уште неколку пунктови каде што се вршеле погребувања во тоа исто време, во раната антика.

Меѓутоа не само во раната антика, тие некрополи продолжиле да се користат за погребување и понатаму во следниот римски период. Тоа значи дека жителите коишто живееле во населбата и коишто биле погребувани во тие некрополи живеле во населба којашто егзистирала подолг временски период, од раната антика некаде од 4 и 3 век п.н.е. до крајот на римската империја некаде 3, 4 век од н.е. тоа се безмалку 500,600 години. Конкретно сега за името на градот и кој би бил тој град каде што се сите овие некрополи коишто ги истражуваме, наша претпоставка , на истажувачите е дека тоа можеби е градот Пелагонија.

Тоа би бил главниот град на пелагонците коишто живееле баш токму тука во овој дел од котлината Пелагонија,која всушност го носи тоа античко име и ден денешен. Што се однесува од наодите во некрополите, во гробовите се наоѓаат обично оние предмети кои што вообичаено можат да се сретнат во гробови, тоа се делови од накитот, од опремата, од облеката на покојниците, исто така и некои дарови за тој свет нели да им послужат на пограбаните покојници, керамички, бронзени садови, оружја ако погреаниот бил можеби војник.

Ги спомнавте војниците, 2006 ,2007 година беа откриени на едно место на оваа локација и 3 штитови од времето на кралот Деметриј кои што најверојатно според вашите претпоставки се парадни штитови кои што припаѓале на војник кој што учествувал во таа гарда или парада на кралот?

Темелкоски: Во еден гроб на тие некрополи што ги истражуваме пронајдена е гробна јама од погребан покојник кој што вероватно бил офицер, високо воено лице во гардата на македонскиот крал Деметриј Втори. Има Деметриј Први, Деметриј Втори, вероватно станува збор за кралот Деметриј Втори,ова го знаеме од тоа што на самите штитови има натпис со името на овој крал. Најдени се во таа гробна јама остатоци дури од три штитови, тоа подразбира дека конкретното лице за којшто бил тој гроб направен навистина имал некоја висока функција како офицер во таа гарда. И зошто велиме во гардата на тој крал, затоа што овие штитови сепак би требало да бидат парадни штитови, а не оние што се употребуваат во воен судир, поради 2 аспректи, прво името на кралот испишано на овие штитови Деметриј не може да сто на штит кој што се служи во воен судир, нели не може противникот да удира со меч во името на кралот и второ затоа што остатоците, всушност онаа горна превлака на дрвениот штит е од бронза, а штитовите воени имале таква горна превлака на дрвената основна конструкција која била од железо. Затоа од тие 2 аспекти овие штитови би требало да бидат парадни.

Што очекувате понатаму да се пронајде еве на овој локалитет?

Темелкоски: Комплексот на археолошки наоѓалишта Старо Бонче навистина завзема голема површина,откриваме поголем број на места кајшто се погребувале нели граѓаните на тој град, меѓутоа конкретно од градот има сосема мали остатоци од некои градби. Имаме забележано дека во римско време, значи подоцна,градот веќе е префрлен подолу во селото Подмол каде што имаме многу поубави наоди на аритектура и се надевам дека понатаму би требало да се концентрираме сепак во самото село каде што се најдени неколку градби од тој римски период за да добиеме можеби некој наод, епиграфски наод,тоа се оние плочи од камен, каде што би било испишано името на градот се надеваме дека тоа е градот Пелагонија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи