Целовечерен концерт на Стефче Стојковски со неговиот ансамбл во Прилеп


На 25.10.2024/петок/од 19.00 часот во големата сала од ЦК „Марко Цепенков“ целовечерен концерт ќе одржи Стефче Стојковски со неговиот ансамбл на народни инструменти и песни. Гости на вечерта се Октет Прилеп и КУд „Моминок“

БИОГРАФИЈА за Стeфче Стојковски

Виртуозот на изворни народни инструменти Стефче Стојковски, љубовта кон народните инструменти ја добил од неговите дедо и татко, долгогодишни членови на традиционални фолклорни ансамбли. На седум години почнал да свири на кавал, а на девет ја имал првата аудио снимка. Во 1997 година формира свој ансамбл на народни инструменти и песни „Стефче Стојковски“. Во над триестгодишната кариера има издадено повеќе аудио и видео материјали, а работи и на филмска музика. Има настапувано низ повеќе држави ширум светот. Познатиот македонски инструменталист на традиционални народни инструменти Стефче Стојковски веќе над триесетина години успешно ја промовира македонската традиционална музика не само во Македонија туку и ширум светот.

Стефче вели дека како дете најпрво започнал да другарува и да учи да свири на кавал а подоцна и на останатите народни инструменти: гајда, тапан, шупелка, дудук, зурла, тамбура, кемане и други инструменти.

„Свирењето на народни инструменти претставува традиција во моето семејство. Љубовта кон музиката и традиционалните народни инструменти ми ја пренесоа мојот дедо и татко ми кои исто така беа музичари и долгогодишни членови на традиционални фолклорни ансамбли” – вели Стојковски и доадава: Тие ме учеа уште од дете да знам што е наша македонска традиција и што значи за нас свирењето на изворни инструменти. Ми ја пренесоа љубовта кон своето, музиката, песната, орото кои не одржале со векови и се симбол на нашиот ентитет и културен идентитет”.

Стефче веќе на седум години почнал да свири на кавал а на девет години ја имал и првата аудио снимка. Своевремено бил и најмладиот победник на Фестивалот на народни песни и игри “Пеце Атанасовски” во село Долнени. Љубовта кон музиката но и талентот подоцна му овозможиле да учи и да ги совладува свирачките вештини и на други народни изворни инструменти. Како млад и талентиран инструменталист Стефче имал можност да настапува на сите познати фестивали во Македонија но и поранешна Југославија.Но, вели дека со тоа имал и можност да учи и соработува со повеќе врвни музичари и инструменталисти а посебно го издвојува незаборавниот гајдаџија Пеце Атанасовски.

„Чичко Пеце Атанасовски е еден од моите први учители и тоа ми претставува посебна чест и задоволство и на некој начин сум благодарен за сето она што тој го остави за нас и идните генерации. Токму јас и го заменив во Народниот оркестар на МРТВ“, додаде Стојковски.

Во над триесетгодишната богата музичка кариера Стефче Стојкoвски настапувал и надвор од границите на Македонија.

„Имам бројни настапи ширум светот каде со гордост ја претставувам македонската музика преку народните инструменти. Настапував на ЗОИ во Сараево и на ЛОИ во Лоднон во рамките на Културната олимпијада како претставник од Балканот. Меѓу бројните настапи во сеќавање ќе ми останат и настапите пред рускиот претседател Владимир Путин и поранешниот Патријарх на Руската Црква Алексеј“, рече Стојовски.

За своите настапи Стефче има добиено и повеќе награди и признанија меѓу кои и наградата во Ј. Кореја од УНЕСКО за зачувување и негување на традицијата и културата. Љубовта кон музиката но и да остави што повеќе дела и проекти зад себе, Стефче го формира и Ансамблот на народни инструменти и песни “Стефче Стојковски”.

„Идејата со формирањето на ансамблот ми беше да создадам нешто што ќе остави белег во музичката историја на Македонија. Идејата беше да се создаде еден вид репрезентација на Македонија од инструменталисти и да се афирмира, негува и чува богатството на традиционалната изворна музика и да се остави на некој начин и архивски материјал“, кажа Стојковски.

Стефче Стојковски досега зад себе има оставено бројни аудио и видео материјали. Одржува и семинари за традиционална музика и ора како во Македонија така и во странство.”За жал на овие семинари за изворна музика повеќе интерес пројавуваат странците отколку домашните инструменталисти”- вели Стојковски.Како што на Стефче љубовта кон музиката му ја пренеле неговите предци со гордост вели дека и тој ќе остави наследник зад себе.

„Еден од моите синови Теодор пројавува интерес за музиката и веќе свири на гајда и верувам дека ќе биде мој наследник”, вели Стефче Стојковски.

Звуците на традиционалните народни инструменти кои ги користи се полни, изразени и со библиски карактер. Стефче Стојковски со нив отвара нови хоризонти за македонската традиционална музика.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи