Промоција на детската илустрирана книга „Мачорот Тане“ од Лина Димоска

Во издание на Едиција Светулка, а поддржана од Министерството за култура на Р.С. Македонија и Тритекс, на 02.11.2024 година ќе се одржи промоција на книгата „Мачорот Тане“ од Лина Димоска, со илустрации на Калиопи Трпчева.

„Идејата за делото „Мачорот Тане“ се роди во една септемвриска квечерина, по предлог на мојот пријател. Патем, мачорот Тане дури и навистина постои. Тоа е мојот домашен мачор кој во една година живот помина низ еден куп згоди и незгоди. Издвојува битка против тешка болест, а со самото тоа ми покажа дека и животните го сакаат животот и себеси, исто како луѓето.“- вели авторката на книгата Мачорот Тане.

Во својата рецензија Филип Димкоски ќе напише:

„Овие раскази се одлкуваат со едноставност во раскажувањето и со еден модерен и современ и наративен стил кој ѝ е допадлив на младата читателска публика. Секој расказ има свој наслов кој ни најавува на што ќе се однесува содржината или какво дејство ќе се одвива. И оваа книга со раскази како и секоја добра книга за деца успева да ги обедини забавното и едукативното, низ умесен и шармантен хумор кого децата особено го сакаат.

Секој расказ завршува со некаков заклучок и поука кој несомнено ќе се втисне до детското срце и мозоче доколку се чита со внимание и со разбирање, па и со помош на родителот или наставникот доколку е потребно. Овие раскази дури и повикуваат на разговор по прочитувањето на секој одделно. Убаво би било да се препрочита заклучокот и родителот или наставникот да поразговара со детето околу содржината, заклучокот и поуките што можат да се извлечат, но и да се применуваат во секојдневието. “

Ова дело има за цел да ги поттикне децата да практикуваат позитивни и правилни форми на однесување. Да ги почитуваат различните од нив, да ги сакаат другарчињата, да ги слушаат и да не ги лажат своите родители, од најмали нозе да почнат да се грижат за околината и животните. Сега кога знаеме за каков херој се работи, да не ја пропуштиме промоцијата на која ќе зборуваме на долго и на широко за неговите мачешки неволји.

Промотор на книгата е Звонко Димоски, а промоцијата е во Арт кафе Апореа во 17:00 часот во Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи