За прв пат Институтот за старо словенска култура од Прилеп со поддршка на Министерството за култура изработи 3Д виртуелна прошетка за манастирскиот комплекс Трескавец и античката населба Колобаиса која егзистирала на овие простори. Оваа 3Д анимација освен научна има и туристичка карактеристика, односно сега секој ќе може одблиски и поподробно да се запознае со богатото културно наследство и историјата на ова место.
„Виртулената прошетка слободно достапна за секој кој има интернет, на еден динамичен начин преку притискање на копчиња се доаѓа до различни позиции во рамки на културниот комплекс Трескавец и за тие различни позиции можат да се прочитаат релевантни информации. Создавање на досега најкоректна основа на недвижните остатоци кои постојат и се новооткриени“, вели Христијан Талевски, Институт за старословенска култура Прилеп.
И годинава пролжија истражувањата на античката населба Колобаиса која била урбана импозантна населба која егзистирала од 1 до 7 век од нашата ера на околу 1.250 мнв. Имало дури и изграден систем на водовод и канализација, а денес за жал уште нема. Имало две светилишта посветени на боговите Аполон и Артемида, а потоа во 5 век е изградена ранохристијанска базилика, а во 12 век се гради сегашниот манастирски комплекс.
„Овие истражувања се во насока да се заокруат претходните сознанија, ова е едно заокружување на сите овие археолошки истражувања и всушност со овие истражувања се дефинира обемот на населбата и претставуваат една основа за понаташни подетални истражувања“, изјави Александар Василески, директор на Институт за старословенска култура Прилеп.
Идејата е во иднина да се направи конзервација на се што е досега откриено особено, на самиот влез на населбата кој во иднина може да биде и влез во сегашниот манастирски комплекс. Со ова целиот простор ќе биде организиран како едно мистично патување низ времето преку раскажување на милениумската приказна на ова место.