Колку корупцијата е метастазирана во нашето општество покажува анкетата на Стопанската комора каде од 138 анкетирани компании, 53% од нив се изјасниле дека во 2023-та биле соочени со коруптивни барања. Од нив дури 78% стигнале од централната, државна власт. Им било барано мито во вида на пари, услуги или подароци, најчесто при барање на одредени дозволи, инспекциски надзори, царински и тендерски постапки. Им се барале од 1000 до 10.000 евра, а кај јавните набавки од 6 до 10% од вредноста на тендерот.
„83 проценти од анкетираните компании сметаат дека корупцијата е еден од трите најважни проблеми во државава кој треба да ги решиме и второ, анкетата покажа дека дури 96 проценти од компаниите кои одговорија, сметаат дека може да се има успех во борбата против корупцијата, што е охрабрувачки елемент, при што тие делумно се вртат и кон самите себе и велат дека имаат потреба да внесат, да вградат, или да ги засилат своите механизми за спречување на корупцијата, изјави Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора.
За стопирање на овој негативен тренд компаниите бараат усогласување на нашето со Европското законодавство за борба против корупцијата.
„Покрај индивидуалните мерки на секоја компанија, постои простор за колективно дејствување. Тоа е една од формите на здружување на компаниите со кое може да го засилат своето влијание во борбата против корупцијата, особено во услови кога локалните законодавства слабо функционираат во тој дел“, вели Јованка Кенкова Пјевац, стопанска комора.
Компаниите сметаат дека се потребни и повисоки казни и независен, стабилен судски систем.
„Доколку се воспостави добар судски, мериторен систем каде ќе може да се казнуваат таквите коруптивни дела, сметам дека ќе може да исчекориме напред. Сметам дека доколку државата воведе систем, најпрво на казни, односно судскиот систем да почне да казнува, тогаш сметам дека ќе се намали оваа, како што кажа и американската амбасада, ендемска корупција во нашава држава, рече Никола Мариноски, претседател на Регионалната стопанска комора од Прилеп.
Ваквците обуки за „Бизнис интегритет“ на Стопанската комора се од активностите за градење здрав економски амбиент.