Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и неговиот брат, Владимир Мијалков, беа одликувани со орденот „Свети Николај“ од Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Наградата им ја додели Брегалничкиот митрополит Иларион за нивниот ктиторски придонес во изградбата на црквата Свети великомаченик Димитриј во Ново Село, Штип.
Црквата, која беше осветена вчера, е проект што браќата Мијалкови финансиски го поддржале во нивниот роден крај. Во свечениот чин на осветување учествуваше Архиепископот Стефан, во сослужение со митрополитот Иларион и епископот Јаков.
Ова е прво појавување на Сашо Мијалков во јавност по неговото ослободување од затвор, кој во затворот во Струга ја отслужуваше казната за случајот „Империја“. Тој беше обвинет и во неколку други случаи на поранешното СЈО, но дел му застареа, а беше и ослободен во случаите „Тортура“ и „Трезор”. Мијалков се наоѓа и на „црната листа“ на САД.