Наш соговорник е Васко Смилески, организатор на турнирот во табла кој на 16 и 17 ноември ќе се одржи во My Place во бизнис центарот во Прилеп. Пријавувањето е во тек, секој кој сака да биде дел од турнирот може да дојде во ова познато прилепско кафуле и да се пријави. Повеќе околу деталите на турнирот од разговорот со Смилески.
Шо прајте бе убај деца?
Смилески: Здраво Штарго како си добар? Поштовање…
Табличе плешите а?
Смилески: Се спремаме, на подготовки малце…
Абе убајни, блазесиви, вака секој ден или?
Смилески: Ами не секој ден, ама си практикуваме во слободното време, ко ќе ни дозволува можностите.
Која табла ја играте сега, прва, втора, трета…?
Смилески: Моментално ја играме првата табла.
Кафичот е полн тука и другиве, да не се спремате за нешто да не подготвувате ново?
Смилески: Ами, да организираме еден голем турнир во табла…
Во Прилеп?
Смилески: Во Прилеп да, во My Place, тоа е во бизнис центарот на приземје.
Че се приклучев и јас, ама нешто ракава ме боли зарчињава не можам да ги фрлам, ама ќе се навежбам нема гајле…
Смилески: Е треба да се навежбаш доколку сакаш на турнир од играш…
Има време, кога е турнирот?
Смилески: Турнирот е на 16ти и на 17ти ноември во My Place како што реков во бизнис центарот.Турнирот ќе се игра на сите 3 познатите, 3 познати партии во табла што се. Заровите, ќе се фрлат од чаша.
Можи да си играте не е проблем значи…да си разговараме. Кој води иначе, кој тепа? Кој губи?
Смилески: Тука негде сме, нерешено е на градски.
Значи, пријавувањето на турнирот е веќе почнато?
Смилески: Од први ноември, пријавувањето трае до 14ти ноември. На 15ти ќе биди ждрепката.
Тука исто така?
Смилески: Да, кај што ќе се одржува и турнирот.
Досега се има пријавено некој досега, колкумина се имаат пријавено?
Смилески: Вака, досега сум доста позитивно изненаден, значи има скоро 40тина души, исто позитивно сум изненаден што има пријавено и од понежниот пол, тоа вака ми е посебно задоволство. Значи, имаме обезбедено голем фонд на награди, за прво, за второ и за трето место.
Колку се тие награди?
Смилески: Наградниот фонд во парични средства изнесува 18.000 денари. Значи за прво место е 10.000 денари, за второ 5.000 и за трето место се 3.000 денари и плус имаме ваучери од спонзорите. Значи сакам да се заблагодарам на сите спонзори. Тука ги имаме популарната пицерија „Академи“, Витаминка, Пивара, бутикот за спортска облека „Паренцо“, бутик за облека „Аполо“, продавница за играчки и школски прибор „Тргачо“. Значи сум презадоволен од сите што со еден збор…
Е шо Инфо Компас го заборавј, сите ги нареди ние што снимаме кое не врти така… ?
Смилески: Момент момент, посебно сум благодарен на сите што прифатија со еден збор, а сето ова не би било доколку ако не се покрие и медиумски.
Е така.
Смилески: Затоа, чекај малце, крајот го краси делото сакам да ти се заблагодарам првин тебе како човек и како личност што и ти наиде на позитивно и позитивно изреагира за самиот настан за самиот турнир.
Нема зошто, Инфо Компас секогаш е тука за сите прилепчани кои што имаат вакви интересни идеи и нормално ги поддржуваме сите вакви настани. Кажи ми, таблата рековме ќе се игра сите 3 табли кои што постојат, а колку тука табли се планира во зависност од пријавените?
Смилески: Во зависност од пријавените имаме простор значи, првичната идеја ни беше околу 64 души за да биде и полесно и за системот
Во еден момент да играат така?
Смилески: Не во еден момент, толкав простор немаме ама да ни биде 64 полесно за системот за самата организација за внатре. Сакав и да напоменам плус имам и награди за сите четвртфиналисти, ваучери од нашите спонзори значи со самото влегување во четвртфинале веќе си добитник на некоја награда. Сите осум души се добитници првин на ваучери од нашите спонзори и плус за прво, второ и трето место како што кажав. За почеток за прв пат мислам дека одлично ќе биди, па за здравје Господ в година ќе на направиме и поголема организација, поголем фонд на награди да имаме и така да сакам овој турнир да биде како една традиција. За мало одбегнување, пред се и на возрасните, бидејќи сме заразени на телефоните со игрите, друго е вака чувството ќе се видиш, ќе направиш муабет.
Поинаков инаков вид на дружење.
Смилески: Па порано така беше, порано на пример сега ајде да не се правам и јас престарен со душа чекавме женските да ги испратиме и да седниме табла да играме или пикадо или билијард, значи тоа ни беше забавата.
Колку денес го има тоа?
Смилески: Рековме се повеќе се присутни телефоните и социјалните мрежи. Технологијата, за жал, многу не потиснува…
Каде оваа идеја ти како ја доби? Имаш претходно организирано турнир во табла, имало низ Прилепов од такво нешто?
Смилески: Па, последно јас до кај што памтам, постарата генерација што се колку мене, имаше во во „Сајбер Сити“, Тоа беше на вториот спрат во бизнис центарот исто и во „Тајм аут“, ама тоа сигурно негде, па да не претерам пред петнаесетина години сигурно може и фазла.
Од тогаш досега немало?
Смилески: По што сум страствен љубител на таблата и страствен играч, по што си играм немам слушнато ни во Прилеп, па ни пошироко речам низ Македонија било каде.
Очекувате од други градови да дојдат тука на 16ти и на 17ти?
Смилески: Годинава, можеби не, ама в година сум со ниет да ја направам малце поширока и поголема организацијата да привлечеме и од другите градови.Се надевам и на поширока плејада на спонзори, се надевам на поддршка и на општината, зошто е сепак во интерес пред се на градот пред сè на генерација од 7 до 77, значи таблата нема години игра до 30 па после ногата ме боли, ако го боли едната рака, можи со другата да фрла.