Ристеска: Предновогодишна честитка за прилепчани – ново поскапување на градскиот превоз


На последната седница на Управниот одбор на Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови – Прилеп, донесена е Одлука за корекција на бројот на возења со електронски возни картички во јавниот градски превоз. Кажано со други зборови – во Прилеп поскапува градскиот превоз, истакна на денешната прес конференција, Анита Ристеска, член на Советот на општина Прилеп од редовите на СДСМ и Коалицијата.

„Двојно, односно за 100 отсто се зголемува цената на електронската картичка за ученици и студенти, која наместо досегашните 500 денари за еден месец, сега ќе чини 1.000 денари. За 50 отсто поскапува и превозот за останатите граѓани, додека пак патниците кои по втор пат ќе бидат затекнати со неважечка легитимација или без билет, ќе платат казна во висина од 300 денари.

Во досегашните 3 години од мандатот на градоначалникот Борче Јовчески, ова е второ поскапување на градскиот превоз. Ако првиот пат изговор беше високата цена на метанот која тогаш изнесуваше 204 денари за килограм, се поставува прашањето зошто е потребно најновото поскапување кога сегашната цена на метанот е три и пол пат пониска од поранешната и изнесува 63 денари за еден килограм?  

На почетокот од последната година од мандатот, Борче Јовчески не може да се пофали со ниту едно реализирано ветување од неговата изборна програма, што го прави најнеуспешен градоначалник во историјата на Прилеп.

Она по што Јовчески и мнозинството во општинскиот Совет предводено од ДПМНЕ ќе останат запаметени, се поскапувањата и зголемените режиски трошоци кои ги плаќаат граѓаните на Прилеп.

Така, покрај двојното поскапување на градскиот превоз и паркингот, во изминатите 3 години локалните власти го зголемија данокот на имот до 300 отсто, сметките за подигање на смет за 67 отсто, а наместо предизборно ветеното намалување, Јовчески и ДПМНЕ на прилепчани им ја поскапеа и водата.

И сето ова заради начинот на кој градоначалникот и директорите раководат со Општината и јавните комунални претпријатија, чие лошо менаџирање граѓаните го плаќаат од својот џеб.

За барем колку-толку да се амортизира ударот врз стандардот на граѓаните, ги повикувам колегите советници од ДПМНЕ во Советот на општина Прилеп, на следната седница да гласаат против предлогот за зголемување на цената на градскиот превоз“, истакна Ристеска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи