Поразителни резулати со говорот на децата во прилепските градинки. Од направената внатрешна анкета на детските градинки „Наша Иднина“ на околу 500 дечиња, секое второ имало проблем со правилниот изговорот на буквите и зборовите. Логопедите велат дека ова е знак за вклучување на црвениот аларм и кај родителите и кај институциите. Како главна причина за оваа состојба ја гледаат во претераната употреба на телефони, таблети и компјутери кај децата.
„По автоматизам веднаш би рекла екранизацијата, затоа што имаме едносмерна комуникација, немаме повратна реакција од страна на таблет, од страна на екраните, од страна на телефоните и секако недоволната вербална комуникација од страна на родителите кон своите деца. Најчесто се работи за една полиморфна дислалија каде што се опфатени фонемите Р, Л, еден парасигматизам каде што имаме замена на Ш и Ж, С и З, и најчесто веќе во последно време се појавени и случаи на тотално отсуство на говор една алалија каде што треба алармантно да се реагира од страна на логопед и дефектолог“, изјави М-р Даниела Пајмакоска Момироска, логопед во детски градинки „Наша Иднина“ – Прилеп.
И родителите кои ги носат своите деца на логопед велат дека ситуацијата е алармантна. И ги охрабруваат сите родители, да не чекаат туку ако нивното дете има некој проблем со говорот веднаш да посетуваат стручни служби.
„Да земам пример од групата на ќеркава која што оди во градинката од 35 дечиња, само ако 5 не одат на логопед, значи 30 деца одат на логопед. Значи тоа е една загрижувачка бројка. Јас мислам дека секој родител одговара за детето, родителите треба сами да се свесни дека тие треба да го направат првиот чекор за детето. Значи да не го остават само детето, не може ни само да одлучи дали ќе му се подобри говорот ако не му помогнат и не му пружат шанса“, истакна Габриела Стефаноска, родител.
Прилепските градинки се едни од ретките во Македонија, каде освен превентивно се делува и со логопетска терапија за децата, но за решавање на овој горлив проблем потребна е и целосна вклученост и соработка на самите родители.