Денеска на Светскиот ден на дијабетесот беше најавено дека Прилеп наскоро ќе го добие првиот дијабет центар кој што ќе биде лоциран во прилепската болница. Денеска се потпиша меморандум за соработка помеѓу болницата и здружение „Сина револуција“ на лица со дијабетес за зголемување на оваа соработка. Со тоа ќе се намалат трошоците на овие пациенти од целиот регион кои сега за да направат вакви прегледи мора да одат во Скопје.
„По барање и на пациентите и на докторите сакаме да ангажираме доктори ендокринолози од Клиниката за ендокринологија, специјализирани за дијабет, а исто така и ендокринолози од Клиника за педијатрија, за да пациентите не патуваат до Скопје и контролите да ги прават во Прилеп“, вели Кире Јоноски, директоор на општа болница Прилеп.
Ова ќе биде прв ваков центар надвор од Скопје, имало вакви центри и во Битола и Велес, но не функционирале бидејќи нема лекари. Од здружението „Сина Револуција“ се надеваат дека со тоа барем малку ќе се намалат проблемите со кои се соочуваат.
„Користиме застарена технологија на која не можеме да и веруваме, тука спаѓаат глукометрите и лентичките за мерење на шеќер. Да се дозволи поголема пристапност на мој термин, затоа што сите пациенти имаат потешкотии да закажат мој термин кај својот доктор“, истакна Менде Цветкоски, претседател на здружение „Сина револуција“ на лица со дијабетес.
Се бара и тоа државата да купи сензори за сите лица со дијабет Тип 1, а не само оние до 25 годишна возраст.
„Треба сите тип 1, без разлика колку години имаат да имаат право да остварат и да добиваат сензори, бидејќи дијабетот е автоимуна и хронична болест што нема никогаш да помини, без разлика дали некој има 3, 30, 93, секогаш останува“, додаде Ангела Мирческа, мајка на дете со дијебет тип 1.
Учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ дененеска во холот на болницата на сите граѓани кои сакаат им мереа шеќер во крвта со што симбиолично се одбележа овој ден.
„Претставници на здружението ни донираа садници на зимзелени дрвца, кои што нашите ученици ќе ги засадат во дворот на училиштето“, изјави Жанета Видеска, директорка на СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп.
Во Прилеп има 10.000 пациенти со дијабет, од кои 3.000 се Тип 1, а од нив 100 се деца.