Во земјава има над 2 илјади диви и 54 нестандардни депонии, покажуваат проценките на Националниот план за управување со отпадот. Надлежните очекуваат дека ќе се реши проблемот со депониите преку петте регионални центри за фрлање отпад, од кои едниот треба да биде изграден во Русино, за потребите на Полошкиот Регион.
„Потоа „Дрисла“ да биде за Скопскиот Регион, Новаци за Југозападниот и за Пелагонискиот Регион, Добрешинци за Југоисточниот и за Вардарскиот Регион и Свети Николе за Источниот и за Североисточниот Регион. За реализација на овие пет современи центри, одобрени се грант од Европската Унија и заем од Европската банка за обнова и развој.“
Во 2006 година е донесен Законот за управување со отпад со кој се поставени стандардите за изградба на регионални депонии и модерно управување со отпадот. Во 2010 година беше подготвена рамка за изградба на пет современи депонии во различни региони, но ниту една од нив сè уште не е започната. Од 2012 почна изработката на првите документи и планови. Од Министерството за животна средина најавуваат дека градежните работи ќе почнат кон крајот на 2025 година.
Од граѓанската организација „Го грин“ предупредуваат дека доцнат проектите и дека државата треба активно да инвестира за да ја добие довербата на граѓаните.
„Локалното население нема доверба дека ќе бидат изградени депониите според стандардите и без негативно влијание врз животната средина. Важно е да им се покаже на луѓето дека овие проекти ќе донесат придобивки за нив“, велат од „Гоу грин“.
Од ЕУ предупредуваат и дека финансирањето може да биде одземено доколку навреме не се започне со изградбата на депониите.