Додека вработените во АД Македонска пошта со месеци штрајкуваа за неисплатени и нередовни мали плати, директорката Бујаре Абази, нејзиниот заменик и директорите на секторите (сега веќе поранешни) незаконски си ги покачиле платите за околу 50 проценти, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија. Ревизорите утврдиле дека покачувањето на платите во септември минатата година е незаконски, затоа што претпријатието со години бележи загуби од кои најголемата е во 3,7 милиони евра.
Така, директорите на сектори во Пошта добиле повисока плата за 42%, а заменикот и генералниот директор за 58%, што според ревизорите не е во согласност со Законот за трговски друштва кој предвидува „во случај на намалена добивка или значително влошена финансиска состојба на друштвото, надоместокот на плата и другите бенефиции, предвидени во менаџерскиот договор може да се намалат, а не да се зголемат“. Според ревизорскиот извештај, АД „Македонска пошта“ ја завршила 2023 година со минус од 2,2 милиони евра на салдото, а за 7 години акумулирале дури 17 милиони евра загуба.
Вработените во Пошта со години се жалат на лошите услови за работа и нередовното исплаќање на плата. Според нивните изјави за време на минатогодишните повремени протести, кои продолжија и годинава, причините лежат во превработеноста на администрацијата. Инаку во пошта се вработени над 2.000 лица.
„Со минимална плата на 80 отсто од вработените месецот не се издржува, а особено кога доцни платата. Но, револтот е поголем поради финансиската криза, во која се наоѓаме поради лошото менаџирање и непродуктивни вработувања. Се доведовме во состојба на недостаток на работници во технолошкиот процес како поштари и шалтерски работници, а имаме преполни места во администрацијата и на шефовски позиции. На еден вработен имаме еден шеф“, рече во март годинава претседателот на синдикатот на Македонска пошта Боро Велигденов.
Сето ова доведува овој наш јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај да работи неефикасно и неквалитетно во давањето на универзалната услуга и да има ненавремена достава на пратки.
„Во 2023 година, 59,7% отсто од пратките биле доставени во првиот ден, додека 30,5% биле доставени во период подолг од три дена. Овие резултати укажуваат на отстапување од целите поставени од Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75% и максималниот стандард од 88% за успешно и навремено доставени пратки“, се нотира во ревизорскиот извештај.
Тоа се одразило со негативно мислење што Агенцијата за пошти го добила од корисниците на поштенските услуги за 2023 година. Дури 79% од граѓаните и 80% од фирмите изразиле незадоволство од добиените поштенски услуги на „Македонска пошта“ изјаснувајќи се дека брзината на доставата на пратките е главна причина поради која се определиле за друг поштенски оператор.