Во Македонски Брод во тек е турнирот во одбојка – „Македонски Брод 2024”, во сениорска конкуренција, кој за прв пат се организира во општина Македонски Брод и е од регионален карактер.
„Симпатиите кон одбојкарската игра отсекогаш постоеле во Македонски Брод, но никогаш не се создале услови за да се формира клуб во овој спорт кој би се натпреварувал во официјална лига, пред се поради пречки од инфраструктурен карактер кои последниве 15-тина години веќе се надминати, со изградбата на спортските објекти. Сведоци сме и на тоа дека повеќе од 20-тина години нема никакви организирани натпреварувања од аматерски карактер во овој спорт, па затоа спонтано се роди идеја од мала група на ентузијасти и вљубеници во одбојката, истата да се претстави и промовира пред се на најмладите генерации и да ги поттикне во иднина да ја засакаат и практикуваат поради тоа што постои и исклучително добра инфраструктура за понатамошен развој на одбојката во нашата општина“, велат организаторите на турнирот.
Првите почетоци на одбојката како колективен спорт во М. Брод се забележани во седумдесетите години од минатиот век кога група на млади работници започнуваат да играат на земјеното игралиште кај полициската станица. Со отворањето на Гимназијата во Македонски Брод, љубовта кон овој спорт кај многу генерации ја всадува професорот Душан Дабески, кој повеќе не е меѓу нас, нека му е вечна славата. Многу од граѓани на Брод се сеќаваат на многуте училишни турнири во одбојка организирани токму од него. Долго време одбојката се играше и на работничките спортски игри.
Во 1996 и 1997 година беа организирани и Летни турнири во одбојка, а во 2015 година се организираше и Турнирот „Филипос куп“ од мала група рекреативци и вљубеници во овој спорт кои до ден денес се активни на одбојкарските терени и овој турнир е плод на нивната желба и ентузијазам за промоција на одбојката во М. Брод.
„Изминатите 2 викенди, со огромна желба, посветеност и труд докажавме дека сите заедно може да одиме чекор напред и да создадеме дела кои ќе се прераскажуваат, дела, а не празни зборови, и се тоа заедно со нашите финансиски и логистички помагатели, кои ги препознаа ентузијазмот и идејата и на кои сме им многу благодарни и без нивна подршка немаше да се организира овој турнир, а верувајте истите не се малку на број. Упатуваме благодарност и до учесниците на Турнирот-екипите кои дојдоа од неколку општини од регионот, како и до гледачите кои посведочијја за овој нов спортски настан кој се надеваме дека ќе прерасне во убава традиција во нашиот град“, додаваат од организацијата.
Вечерва (16.11.2024) ќе играат:
-Во натпреварот за трето место ќе се сретнат екипите на Цум Миле од Македонски Брод и Полежиноски Волеј од Кичево,
-Додека во финалето ќе ги гледаме екипите на Масаро Волеј од Кичево и Old School од Крушево.
НЕКА ПОБЕДИ СПОРТОТ!
Главен судија на натпреварите ќе биде Зоран Стојаноски, а ќе му асистираат Ивица Стојкоски и Дарко Стефаноски.
Од записничката маса натпреварот ќе го делегираат Игор Алексоски и Александар Тренкоски.
Дел од атмосферата досега погледнете во фото галеријата: