Граѓаните спас од загадениот воздух бараат и кај омбудсманот. Од 40 претставки кои пристигнале на адресата на народниот правобранител од областа на животната средина, дури половина од нив се за загадениот воздух.
„Промените кои се последица од човечкото дејствување не остануваат неказнето, па затоа природата се почесто почна да го возвраќа ударот. Непобитен е фактот дека се соочуваме со големи последици, кои не се однесуваат само на природата, туку и на здравјето на луѓето“, истакна Народниот правобранител Насер Зибери.
Омбудсманот порача дека мора да се најде баланс меѓу развојот и еколошката правда која, рече, е императив во овој век, затоа што „ако не се преземат соодветни мерки за климатските промени, тие ќе значат колективно умирање“.
„Нехуманата градежна експанзија, интензивното користење на минералните суровини, дивите депонии, горењето на насобраниот отпад од истите, неизградбата на регионалните депонии и соодветно собирање, транспортирање и третирање на отпадот, како и преголемото испуштање на штетните гасови во воздухот, веќе ни ја испорачаа сметката – жителите на главниот град Скопје дишат воздух во кој загаденоста е поголема неколку пати од дозволеното. Во слични околности живеат и жителите на Тетово, Струмица, Кочани и други градови. Нашите градови се на топ-листата на десет најзагадени градови во светот… Истражување на УНИЦЕФ покажа катастрофални резултати – дека секое десетто новородено дете во нашата земја како последица на смртта ја има нечистата животна средина“, рече народниот правобранител.
Министерот за животна средина вели дека мора да се започне со решавање на овој проблем, првенствено со гасификација на урбаните средини.
„Како Влада сериозно сме посветени на креирање и имплементација на политики за намалување на притисокот кој човекот го прави врз животната средина, заштита и унапредување на квалитетот на човековата околина, но и заштита на природата и биодиверзитетот. Преку одржливо користење на природните ресурси заради зелена трансформација на економскиот систем работиме и на зголемување на можностите за таканаречените зелени работни места.“, изјави заменик претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Еколошките организации пак се децидни дека мора да се сменат навиките на населението за начинот на греење на домовите, како и навиките за готвење за подобрување на ситуацијата со воздухот во Македонија.