Ова е локацијата каде во иднина треба да биде лоциран Регионалниот центар за управување со отпад кај селото Новаци, каде што отпад треба да носат 18 општини, од Центар Жупа, па надолу преку Струга и Охрид, Кичево и сите оние од Пелагонискиот плански регион. Оваа идеја се подготвува уште некаде од 2010 година, но до денес не е реализирана. Претходно беа планирани 8 вакви Регионални центри низ држава, а денес поради немање на доволно отпад и исплатливост таа бројка е 5, овој кај Новаци и уште кај Русино за Полошкиот регион, Дрисла за Скопски регион, Добрешинци за Југоисточниот и Врадарски регион и Свети Николе за Источен и Североисточен регион. Но ниту еден досега не е започнат да се гради или функционира. Овие Центри во иднина се планира комплетно да ги заменат досегашните депонии низ Македонија, кои треба да ги снема, да не постојат повеќе и конечно наместо извор на загадување овие центри да станат место за модерен и европски третман на отпадот.
Според градоначалникот на Новаци, Стевче Стеваноски нивниот Центарот за управување со отпадот ќе се гради во еден од старите копови на РЕК Битола, ко ј повеќе не се употребува за експлоатација на јаглен.
„Замислено во првата фаза да се отворат неколку претоварни центри, претоварни станици во поголемите градови, каде што првично би се вршело третирање односно селекција на дел од отпадот, за да во наредна фаза во организација на новоформираното регионално претпријатие за управување со отпад, кое би го формирале сите општини заедно, целокупниот тој отпад кој ќе биде наменет за во регионалната депонија ќе доаѓа тука, за во наредна фаза, во втора фаза да има секундарен третман, односно селекција на отпадот на истата депонија, за да во финална фаза се депонира што е можно помала количина на отпад“, изјави Стевче Стеваноски, градоначалник на општина Новаци.
Овој проект на ниво на држава ќе се финансира со кредит од Евопската банка за обнова и развој чија висина се планира да изнесува околу 60 милиони евра, а од нив половината, над 30 милиони ќе бидат потрошени токму за овој Регионален центар за управување со отпад во Новаци. Но претходно сите општини ќе треба да ја спроведат и примарната селекција на отпад, односно отпадот да се селектира во посебни корпи уште во самите домаќинства.
„Постапката на заемот е при крај, ќе се обезбедат возила кои ќе им бидат доделени на локалните комунални претпријатија, на сите 18 општини, значи нови возила, контењери кои ќе бидат наменети за примарна селекција на отпадот. Во овој период како што е замислено ќе се врши селекција во 2 фракции, односно сува и влажна фракција на отпадот, со тоа што ќе се олесни процесот на селекција во наредните фази. Скоро правиме селекција на секаков вид на отпад, барем сме во финална фаза на целата оваа работа, пред неколку месеци веќе како пилот проект почнавме со околу 100-тина семејства да вршиме селекција на пластичниот отпад. Паралелно на тоа имаме и контењери за одлагање на електронски отпад, пред неколку недели склучивме договор со претпријатијата кои се занимаваат со прибирање на текстил за селекција и одлагање на текстил за контењери, значи чекор по чекор се прилагодуваме на новите вредности, а со тоа што помалку отпад однесеме на депонијата“, додаде Стеваноски.
Од соседната најголема општина во овој регион Битола истакнуваат дека управувањето со отпадот и заштитата на животната средина се едни од главните точки што треба да ги релизираме на патот кон ЕУ.
„Многу работи зависат од нас, колку сме ние ефикасни и ефективни да што побрзо ја завршиме и отпочнеме со реализација на оваа болна тема, за да не ги гледаме оние грди слики кога патуваме за Буково, или овде кај нас Мегленци. Значи депонијата Мегленци, ѓубриштето поточно треба да се затвори и да се почне со изградбата. Процесот ќе биде тежок, 30.4 милиони евра би коштала почетната активност, од кои 15 милиони се за набавка на нови возила. Меѓу другото, ќе треба да се набават за овој Југо-западен и Пелагониски регион 120-тина транспортни возила, кои би го дистрибуирале сметот од сите овие региони, бидејќи тоа е навистина голема територија, од Центар Жупа па наваму. 85 возила би биле за општините и тендерот е веќе во напредна фаза за набавка на овие возила“, истална Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола.
Но и општина Битола треба во иднина да посвети поголемо внимание во примарната селекција на отпадот која е во почетна фаза.
„Од 2005 година Општина Битола започна со селекција на хартија, во 2014 и 2015 година со пластика, иако постојат оператори кои тоа го работат. Преку 2.000 индивидуални канти се поделени во домаќинствата, зборуваме за голем опфат кој го имаме, преку 23.000 претплатници има јавното претпријатие „Комуналец“ кои ги опслужува. Се трудиме секој да ја добие и таа канта за отпад, зелената канта која е за цврстиот отпад, а да ја селектираме во жолти контењери пластиката првично, а понатаму да продолжиме со другите фази“, вели Коњановски.
Помалите општини како што се Крушево се уште немаат ниту почнато со некаков поактивен процес на селекција на отпадот или пак се на самиот почеток на имплементација на овој процес. За нив единствен спас е државата што побрзо да го изгради Регионалниот центгар за иправување со отпад, затоа што сегашната нивна депонија или ѓубриштето каде го оставаат отпадот е под сите стандарди и често се запалува или само или од човечки фактор при што горејќи со денови ја загадува околината, а градот наместо да биде туристичка мека целот мириса на чад.
„Имаме се уште проблеми на самата примарна селекција во нашите општини, пример Крушево ние имаме некаква селекција, како и некои други општини како Кривогаштани и Демир Хисар, ја подготвуваме таа селекција уште во самите домаќинства, односно примарната селекција, но заедно сета таа ја носиме во нашата таканаречена дива депонија, затоа што сите се диви депонии во нашиот регион и нашите општини и доаѓа до загадување, односно палење на тие депонии. Знаеме дека потоа сите делуваме преку ТППЕ да се гасат тие депонии и така настанува тој процес. Затоа апелирам до централната власт и нашата Влада да партнерски изградиме една регионална депонија, која ќе значи да го заштитиме нашето население во овој пелагониски регион, не знам за пошироко, но и централно, затоа што целата држава ни е претворена во огромна депонија. Знаеме Охрид е град на УНЕСКО, Струга е тука, Ресен, Крушево, Демир Хисар и целиот пелагониски регион е претворен во една огромна депонија. Додека во европските држави ова е атрактивен бизнис, каде приватно партнерство постои помеѓу општина и одредено трговско друштво, или јавно претпријатие, а кај нас се уште тапкаме во место и затоа апелирам ова што побрзо да се среди“, рече Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Сега биле во процес на обезбедување на корпи селекција за сите домаќинства и апликацирале до одредени ЕУ фондови за да може да набават и линија за селекција на отпадот, а со тоа што помалку да се носат отпад во Регионалниот центар за управување со отпад, а со тоа и помалку да плаќаат за да не се зголемат сметките за граѓаните.
„Помалите општини, како што спомнавте Крушево, Кривогаштани, Демир Хисар, до каде се во процесот на селекција?
Па еве ние за Крушево, не знам за другите општини, започнавме прва фаза на селектирање на отпад со самото доставување на гратис канти за отпад до самите домаќинства и сега имаме аплицирано до европските фондови за секундарна селекција и изградба на централа за селекција на отпад, каде дел од таа ПЕТ амбалажа ќе се селектира и ќе се склучи дополнителен договор со овие трговски друштва, каде ќе се намали габаритот за носење во самата регионална депонија во Новаци“, додаде Христоски.
Прилеп пак во целиот овој процес е лидер во селкцијата на отпад на ниво на Македонија и е најблиску од сите општини да го започне подготвен целиот овој процес. Во моментов годишно Прилеп селектира околу 800 тони хартија, над 100 тони пластика, најлон до 50 тони, стаклена амбалажа околу 40 тони и други рециклирачки отпадни материјали. Распределени се 24.000 илјади канти за селекција на отпад кај скоро сите домаќинства во градот, а има и 415 контејнери поставена на јавно прометните површини. Во Прилеп ќе биде и една од 5-те претоварни станици планирани за овој дел на Македонија каде отпад ќе носи од помалите општини, а тука ќе се транспортира до главниот Центар за управување со отпад во Новаци. Оваа пролет се планира да започне со работа и линијата за секундарна селекција која ќе се наоѓа кај самата депонија Алинци.
„Би функционирал на добро позната локација за која граѓаните во наредниот период ќе бидат известени, ќе може да одлагаат одредени видови на неопасен отпад, ќе биде означено кој отпад во кој дел ќе може да се одлага бесплатно.
Значи да опишеме „попластично“, секој оној кој има некаков отпад доаѓа во тој собирен центар и го распределува ѓубрето на местото каде што му е. Бесплатно го доставува, а потоа вие го собират тој отпад и го носите таму каде што се одлага.
Да“, истакна Рубин Абрашоски, директор на ЈКП „Ломуналец“ Прилеп.
„Со активирање на оваа фабрика за селективен отпад ние ќе можеме да селектираме пластика, најлон, метал, алуминиум, дрво, гуми, се она што може на пазарот и да се продава.
Имаше еден таков проект во Прилеп, дали е ова нешто поразличен или се преклопуваат горе-долу тие проекти?
Се преклопуваат двата проекти, за едниот проект за кој Владата издвои 90 милиони е на позиција каде спаѓа под ЈКП „Комуналец“ кое ќе стопанисува и ќе работи, значи нови вработувања, обезбедуваме паралелно со него и изградба на компостара за органскиот отпад, значе се она што за еден модерен град го бара Европа од нас, ние максимално ќе ги исполниме сите очекувања и барања“, вели Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
За да остане лидер во селекцијата отпадот Прилеп за многу скоро време планира да изгради собирен центар за отпад каде граѓаните бесплатно ќе носат отпад од различен тип, а потоа од тука ќе го презема ЈКП „Комуналец“, со тоа би се намалиле и дивите депонии околу градот.
„Прилеп и ЈКП имаат огромен бенефит од тоа регионално депонирање, би добиле 9 комунални нови возила, би добиле преку 120 контењери од 1,1 кубен метар, би добиле повеќе од 8.100 пластични канти од 120 литри, оние што ги делиме по домаќинствата за органски отпад и селектиран материјал, значи бенефитот е огромен“, додаде Абрашоски.
Според експертот од оваа област кој и практично ја воведе примарната селекција на отпад во Прилеп, поранешниот директор на ЈКП „Комуналец“, Златко Ристески, овие Регионални депонии за држави со низок стандард како Македонија биле скапи и непотребни во овој момент. Тој смета дека секоја општина треба да го следи примерот на Прилеп со селекцијата на отпад, сама да воспостави примарна селекција, секундарна и на крај за органскиот отпад да има компостара. Целосна секеција и нулта отпад.
„Дали тоа е скап систем да го воведат општините?
Не, тој систем не е скап, оваа сметка што ја плаќаме сега, пример Прилеп плаќа 30 денари од метар, тоа е доволно да ги задоволи сите тие операции, и примарна, и секундарна и компостара. Доволни се тие средства да тие функционираат. Тоа што не функционира е од нефункционалноста на јавните претпријатија, оптеретени со администрациите, но тие се доволни пари да функционираат овие системи, примарната, секундарната и компостарата и сето тоа адаптирано би коштало од 10 до 12 евра по домаќинство. Тоа е тој систем и треба моделот на наплата да се смени, не по метар квадратен, туку да биде по волумен, или метар кубен, затоа што целиот трошок при димензионирањето и на транспортот, се транспортира волумен, и секундарната селекција каде се селектира волумен, и депонијата трошокот е на волумен, а наплаќаме на метар квадратен. Државата го комплетира тој Закон, но Општините тешко влегуваат да го сменат моделот на наплата, не по метар квадратен, туку да биде по волумен настанат отпад. Значи ние колку ќе направиме отпад толку треба да си платиме и мора да го сменат тоа Општините, мора тој систем да дојди бидејќи трошоковниот дел влегува во волумен при димензионирање на тие центри и треба на волумен да биде наплатено.
Дали овие регионални депонии според вас би профункционирале некогаш, сега како што димензионирани?
Не, нема, еве 20 години, а нема ни да профункционираат, бидејќи се јавува позиција транспорт, значи треба да транспортираш, а нема потреба, самата општина може да направи примарна и секундарна селекција и компостара, тие не се штетни системи, едноставни се и плус немаш транспорт. Значи таму не е само транспортот, имаш претоварна станица, има трошоци секојдневни на транспорт, кој граѓаните не дека не сакаат, туку немаат стандард да го платат“, истакна Златко Ристески, поранешен директор на ЈКП „Комуналец“.
Но како и да е во овој момент реализацијата на Регионалните центри за ушравување со отпад не изгледа дека воопшто е блиску и покрај големите заложби. Селекцијата на отпад пак во скоро сите општини е на самиот почеток со исклучок на Прилеп. За да имаме европско управување на отпадот треба прво да се потрудиме лично ние самите, па потоа општините и на крај најмногу да помогне државата. Без овој систем тешко дека за брзо ќе имаме заштита на животната средина, а Македонија ќе наликува на една голема грда депонија.