Реслер: Македонија да направи конкретен чекор, а ЕУ да ја сфати геополитичката ситуација – во неа нема место за билатерални уцени

Facebook
Twitter
Email
Print

Во услови кога геополитиката е променета, нема место за билатерални уцени, вели хрватскиот европратеник Карло Реслер, кој е и претседавач на Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија. Тој смета дека треба да се препознае овој геополитички момент за шесте земји од Западен Балкан и да се работи напорно следните пет години за нивно пристапување во ЕУ, јави известувачот на МИА од Стразбур.

„Свесни сме дека постојат одредени билатерални прашања што сѐ уште го нарушуваат патот на Македонија кон Европската Унија (ЕУ), но денес во овие актуелни геополитички околности едноставно нема место за билатерални уцени и ние мораме да направиме сѐ што е можно Македонија да го направи вистинскиот, конкретниот чекор, а од друга страна ЕУ внатре да сфати дека прашањето на проширувањето има голема геополитичка димензија“, вели Реслер.

„Станува збор за ситуација што постои неколку години и која едноставно ги нарушува односите не само помеѓу Бугарија и Северна Македонија, туку за жал во еден поголем дел влијае и на македонскиот пат кон Европската Унија. Она што е важно да се направи и што ќе се обидеме ние да го направиме од позиција на Делегација за односи со Северна Македонија е да ја релаксираме ситуацијата, да се обидеме со сите колеги да разговараме, бидејќи на крај е јасно дека јас не можам сега да понудам решение за билатералните проблеми што очигледно постојат и кои очигледно ги оптоваруваат билатералните односи. Мораме заедно да работиме низ еден отворен и конструктивен дијалог да дојдеме до решение, а во тој контекст европските институции, особено Европскиот парламент мора и ќе биде од корист“, додава Реслер.

Хрватскиот европратеник потенцира дека во ваквите околности во кои ЕУ функционира после 3 години крвава руска агресија врз Украина, после енергетската и економската криза, архитектурата на безбедносната рамка на цела Европа е изменета и овие работи се чувствуваат не само во земјите членки, туку и во регионот и во Западен Балкан.

„Во тој контекст Северна Македонија, а и сите други држави од Западниот Балкан мораат да го искористат тоа што им се дава, сите можности и потенцијали што им се отвораат поради таа ситуација, а тоа е пред сѐ една свест дека пристапувањето кон ЕУ не е и не може да биде некаква строга формално-правна или административна задача, туку е многу повеќе од тоа и со себе во секој случај содржи една многу важна геополитичка димензија. Мислам дека тој фактор и тоа како е во игра во корист на државата. Но, исто така е јасно дека внатре во земјата како и во другите држави од Западен Балкан мора да се одиграат уште многу важни процеси по прашање на политиката, по прашање на владеење на правото, економијата и ова се сите важни чекори кои Северна Македонија мора да ги исполни за да биде во целост подготвена за членство во Европската Унија“, истакна Реслер.

Како што Германија и беше „спонзор“ на Хрватска во нејзиното членство во ЕУ, а сега Италија и е на Албанија, Реслер смета дека Хрватска може да биде државата којашто ќе може да го поттурне пристапувањето на државава во ЕУ.

„Независно од тоа каква беше ситуацијата и кога Хрватска пристапуваше кон ЕУ, јасно е дека Хрватска е држава која е пријателски расположена према Северна Македонија, која можеби најдобро може да ја разбере и фрустрацијата, но и потешкотиите коишто произлегуваат од практично 20 години различни блокади, различни политички недоразбирања или судири и дека може, како што и сега работи со премиерот Андреј Пленковиќ да биде една од оние држави-членки на ЕУ која ќе се залага за разумно, но исто така ќе се залага и за сфаќањето дека пристапувањето на Северна Македонија е од интерес не само за југоистокот на Европа, не само во интерес на Хрватска, туку е навистина и во интерес на целата ЕУ“, истакна Кеслер.

Реслер верува дека во годините кои се пред нас заеднички, со продлабочена парламентарна соработка може заедно да се направи, Македонија што побрзо да биде подготвена за членство во ЕУ во смисла на економијата, но исто така и во смисла на политичка стабилност, владеење на правото и сето она што е потребно како критериуми што Македонија мора ги исполни за да влезе во Европската Унија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи