Министерството за економија во консултации со трговците, производителите и синдикатите ги прави последните калкулации за над 600 производи на кои ќе треба да им се замрзнат бруто профитните маржи, за крајните цени да бидат поволни за купувачите. Листата е проширена за разлика од есенската кошничка со нови сезонски производи кои граѓаните најмногу ги купуваат околу новогодишните празници.
Министерот за економија и труд, Бесар Думиши се уште не ја открива содржината на новогодишната кошница, но вели дека интензивно преговараат со трговците, производителите, добавувачите, коморите и Организацијата на потрошувачите.
„На почетокот на декември ќе се знае кои производи ќе влезат во т.н. новогодишната потрошувачка кошничка и таа ќе биде подновена со други производи, овојпат од сезонски карактер. Листата на производите кои ќе бидат содржани во неа ќе биде подолга и ќе изнесува околу 600 тарифни броеви со ограничена бруто профитна маржа до 10 отсто“, рече Дурмиши.
Од ССМ повторија дека разговараат со Министерството за економија и труд во однос на креирањето на идните мерки, но потребно е трговците или да покажат општествена одговорност или Владата при креирањето на новите мерки да биде ригорозна во постапувањето кон ваквите нефер трговски практики и да ги казнува.