СВР Битола – ОВР Македонски Брод до Основното јавно обвинителство Кичево поднесе кривична пријава против С.Ж. (51) од Македонски Брод поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, казниво по член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според полицијата во периодот од почетокот на 2019 година до 02.10.2024, пријавениот во својство на директор на ЈЗУ Здравствен дом -Македонски Брод лично потпишувал одлуки за јавни набавки и набавувал опрема и потрошен материјал за детска превентивна стоматологија за заштита на деца до 14 годишна возраст, кои не требало да се набавуваат и да се користат, бидејќи во детската превентивна стоматологија, освен за залевање на заби на деца до 14 години и вршење превентивни систематски прегледи, не се вршат други услуги и интервенции на пациенти како поправка, лекување и вадење на заби како на деца до 14 години, така и на возрасни, согласно насоката од Фондот за здравствено осигурување.
„Исто така, во текот на 2022, 2020 и 2019 година, пријавениот постапил спротивно на Законот за сметководство во буџетите и буџетските корисници член 21 и Правилникот за сметководство за буџети и буџетски корисници член 29 и член 30-а и ја оштетил здравствената установа Здравствен дом – Македонски Брод на начин што доделените субвенции за користење мобилни услуги од мобилен оператор како набавени уреди, ги присвоил за своја корист.
Во текот на 2022 и 2023 година, пријавениот постапил спротивно на Законот за користење и располагање со предмети во државна сопственост член 22, член 23 и член 24 и го оштетил буџетот на ЈЗУ Здравствен дом Македонски Брод така што од оштетеното санитетско возило „тојота“, претходно добиено како донација од Јапонија, дозволил да се вадат делови и истите да се даваат на трајно користење на Здравствен дом Крушево, иако претходно немало доставено позитивен одговор од Влада на РСМ за отуѓување или продажба на делови, согласно претходно нивно испратено барање од Здравствениот дом.
Во периодот од 25.06.2021, заклучно со 15.08.2024, пријавениот дозволил да се изготвуваат фиктивни налози за службени патувања на патничко возило „дачија дастер”, со што овозможувал службеното возило да се користи за приватни потреби, а притоа да нема уредна евиденција“, истакнаа од СВР Битола.