По повод 3 Декември Меѓународниот ден на лицата со попреченост во Дневниот центар за лица со попреченост „Ѕуница“ од Прилеп, каде во моментов има 15 корисници се одржа традиционалната приредба на која настапија овие дечиња. Ова е најстариот ваков центар отворен во Македонија уште во далечната 2002 година. Досега тука поминале над 50 корисници, дел се веќе вклучени во образовните процеси кои имаат образовни асистенти, дел имаат и личен асистент, а оние пак кои работно се оспособиле се вклучени на пазарот на труд и се вработени. Еден дел од корисниците пак се се уште тука во центарот.
Васка Димоска е родител на дете со попреченост кое има 37 години и е најстариот корисник во овој центар. Димоска вели дека државата треба да отвори групни вакви домови за лица со попреченост над 35 години, со 24 часовен надзор, затоа што дел од нивните родители се веќе стари и им е тешко да се грижат за нив. Во ваквите центри родителите ќе имаат можност да ги посетуваат кога сакаат и да си ги земаат за викенди.
„Јас сум презадоволна од Дневниот центар по што одеше тој и во „Климент Охридски“ но моето дете буквално плачаше за тука да доаѓа и до ден денес е тука. Моето дете има 37 години и за мене е многу важен овој центар. Би сакала и понатаму ако се отвори некој центар со 24 часовен надзор за детето ќе биде добро, а ќе биде добро и за нас“, истакна Васка Димоска, родител на дете со попреченост.
Според Снежана Јошеска, координатор и социјален работник во Дневниот центар за лица со попреченост „Ѕуница“ вели дека тука овие лица ги имаат сите услови за нивни развој и напредок.
„Во нашиот центар имаме корисници од 7 од 35 години, имаме доволно простор каде корисниците се поделени во групи. Имаме 5 деца кои се со аутизам, имаме сензорна соба, со мултисензорна стимулација на нивните психофизички способности, односно спознавање на самите себе и спознавање на околината. Имаме активности од музичко воспитување, физичко, имаме волонтер кој секој ден доаѓа кај нас и работи со овие деца. Исто така сме активни и во делот на ликовно воспитување каде изработуваме модели од гипс. Возрасната група ја познава целата постапка, и тие сувенири се трудиме да ги дистрибуираме во целата локална заедница и на тој начин го потврдуваме нашето постоење“, додаде Снежана Јошеска, коордиантор, социјален работник во Дневниот центар за лица со попреченост „Ѕуница“.
Зоран Малкоски, директор на Центарот за социјална работа од Прилеп, под чија надлежност е „Ѕуница“ како и Дневниот центар за лица со церебрална парализа истакна дека им недостасува дел од кадарот кој се надеваат дека за брзо ќе го пополнат.
„Во моментов капацитетот на Дневниот центар за лица со попреченост „Ѕуница“ ги задоволува потребите за овие лица кои го посетуваат, за жал имаме проблем во Дневниот центар за лица со церебрална парализа, каде што имаме недостиг од кадар, се надевам дека по Нова Година ќе го решиме и тоа, ќе ни фали дефектолог и во моментов со овој кадар кој го имаме на располагање ние ги задоволуваме потребите, а дали има потреба од нови Дневни центри каде што ќе се направи дистинкција во годишната возраст, да тоа е потрено“, кажа Зоран Малкоски, директор на Центарот за социјална работа Прилеп.
Градоначалникот на Прилеп пак вети изградба на поголем ваков центар затоа што на сегашната локација ќе се градел друг објект.
„Да најавам и дека зе планира една поголема локација затоа што моменталнава локација на Дневниот центар изискува друга намена, значи ќе биде предложено на ова место да имаме друг објект, а додека за потребите на овој центар, каде што опфаќа присуство на најмлади до 37 години да направиме една граница каде секој би се препознал на креативноста на работењето кој опсег на дејности може да препознае“, изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
3 Декември Меѓународниот ден на лицата со попреченост беше одбелележан и со настан во киното Мис Стон на кој настапија ученици од основните училишта од градот.