„Современи театарски осврти“ – нова книга од културологот Звонко Димоски

Излезе од печат новообјавената книга на културологот и преведувач м-р Звонко Димоски, „Современи театарски осврти“ во која преку анализа на одредени театарски претстави од последните 4 години го опишува пулсот во современиот македонски театар, но и да ги покаже трендовите и предизвиците со кои тој се соочува.

„Театарот, како уметност што постојано е во дијалог со времето, просторот и човекот, не претставува само сцена на креативност туку и простор за критичка рефлексија. Во овој контекст, „Современи театарски осврти“ е збирка есеи која се обидува да го осети пулсот на современата театарска сцена во C. Македонија, преку анализа и интерпретација на одбрани претстави во продукција на националните театри, како и независните продукции, во периодот од 2021 до 2024 година. Преку ваквите осврти, книгата се стреми да ги покаже трендовите и предизвиците со кои се соочува современиот македонски театар, но и да ја прослави неговата моќ како медиум за комуникација и трансформација. Секој осврт е можност за едукација, не само на читателите туку и на самиот автор и на самите уметници, преку конструктивна анализа што се темели на искуство, познавање и љубов кон театарот. Сметам дека пишувањето осврти е најдобриот начин за ширење на мојот ентузијазам за театарот. Тоа е и најдобриот начин за информирање на читателот со надеж дека ќе создадеме подобра и повнимателна публика. Подобрата, попребирлива публика ја подобрува уметничката форма во секоја смисла на зборот. Театарот опстојувал и напредувал 2.500 години токму поради строгоста од креаторите и коментаторите. Да се прави помалку и да се очекува помалку е покана за медиокритет“, вели Димоски во својот вовед.

Според Габриела Стајаноска-Станоеска, видлив е недостатокот на книги кај македонската јавност со критички осврти во сите уметности, вклучувајќи го и театарот.

„Современи театарски осврти“ им е насушно потребна на македонската културна јавност, на македонската книжевна наука, на македонскиот театар и театрологијата, на македонските читатели и љубители на театарот и на уметноста, воопшто. Видлив е недостатокот на книги со критички осврти во сите уметности, и во книжевната и во ликовната, а секако и во театарот како мултимедијална уметност. Треба да се поздрават оваа книга и храброста на Звонко Димоски да даде свое учество во прекинувањето на молкот на нашава култура, која веќе неколку децении како да се претвори во култура на тишината поради недоволното присуство на критички размислувања во сите сфери на уметничките области“, вели Стајаноска-Станоеска во својата рецензија за книгата.

Новинарката Сребра Ѓорѓијевска пишува дека денес е прекомплицирано да се биде објективен кон одредена проблематика во малата средина во која живее нашата култура.

„Доблеста на Димоски е што секогаш критикува и укажува со аргументи, притоа избегнувајќи го субјективниот момент дека на критичарот ‘едноставно, нешто не му се допаѓа’. Денес е многу ретко да се сретне автор кој не е оптоварен со фактот дали да напише за некој театар, актер или режисер дека го немал најдоброто остварување. Во малата средина во која живее нашата култура, на моменти, станува прекомплицирано да се биде објективен кон одредена проблематика., стои во нејзината рецензија.

Изданието е поддржано од Министерството за култура и туризам на Република С. Македонија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи