Премиерот Христијан Мицкоски денеска информира дека е постигната историски највисоката откупна цена на тутун по килограм од 400 денари.
„Работевме заедно со тутунопроизводителите, тутунарите и откупувачите и дојдовме до овој историски момент, би рекол. Само за да биде појасно дека тутунарите кон крајот на првиот квартал секоја година потпишуваат договори со откупувачите за тутунот, за откупот и цената, и таа за годинава беше 375 денари по килограм прва класа. Но, бидејќи реколтата е некаде 17 милиони килограми, со исклучително добар квалитет, имавме разговори во кои дојдовме до посакуваната цена од 400 денари по килограм“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека потоа во рамки на неговите редовни активности имал состанок со речиси сите откупувачи со кои, како што рече, разговарале и преговарале и оти денеска може да каже дека најголемите откупувачи веќе ја објавиле цената за откуп од 400 денари по килограм.
„Охрабрува тоа што целата реколта се откупува како прва класа и се откупува по 400 денари. Исто така, може да кажам дека како Влада донесовме одлука за зголемување на субвенцијата од 80 на 100 денари за килограм, што значи дека заедно со откупната цена и со субвенциите секој тутунар ќе добие по 500 денари за килограм тутун“, додаде Мицкоски.
Според него, пресметките говорат дека само оваа година над 140 милиони евра ќе завршат во рацете на тутунарите. Потсети дека претходно биле објавени и детали за откуп на оризот и потенцира дека и во иднина ќе продолжат со поддршка на земјоделците во земјава.