Денешниот духовно-образовен настан „Децата во чест на св. Никола“, одржан во храмот „Св. Петка“, остави длабок впечаток и донесе радост на лицата и во срцата на сите присутни. Храмот беше исполнет до последното место со посетители кои со љубов ја поддржаа прекрасната изведба на учениците од ООУ „Блаже Конески“.
Преку хорско и соло пеење, рецитали и читање на адаптираното житие за млади „Приказна за св. Никола“, учениците ги пренесоа убавината на христијанската вера и пораките на љубов и добрина. Нивниот труд и вложување беа поздравени со топли аплаузи, а радоста на нивните лица го отсликуваше духовниот успех на настанот.
Во своето обраќање, директорката на ООУ „Блаже Конески“, Мартина Пројческа, ја истакна значајната соработка меѓу училиштето и храмот „Св. Петка“, која резултираше со овој прекрасен и инспиративен настан и промоцијата на книшката со адаптираното житие за млади „Приказна за св. Никола“.
Старешината на храмот, протоерејот Љупче Петрески, изрази длабока благодарност и воодушевување од учениците и нивната посветеност.
„Останав без зборови! Сè што сакав да кажам, тие го кажаа преку својата изведба,“ рече отецот. Тој додаде дека ваквите настани претставуваат мост меѓу духовното и образовното и ги поттикнуваат младите на развој преку уметност и литература.
Во знак на благодарност, отец Љупче Петрески им додели благодарници на училиштето и на наставничките, а на учениците – пофалници и скромни подароци. Храмот „Св. Петка“ продолжува да биде духовен и културен центар, отворен за нови иницијативи за сите кои сакаат преку уметност, музика и литература да се приближат кон христијанските вредности и на таков начин да го збогатат духовниот и културниот живот на младите во нашата заедница.