Прилепските домаќинки започнаа со организацијата и подготовките за најголемата слава во Прилеп или патрониот празник на градот Свети Никола, кој што е прогласен за заштитник светител на градот под Марковите Кули уште од 2006 година. Култот и почитувањето на Свети Никола отсекогаш било големо во Прилеп, така што над 60% од граѓаните како куќна слава го имаат токму овој светител, а останатите пак кои немаат слава им одат на гости на тие кои имаат. Секоја година празникот има и свој домаќин, а оваа година тоа е Општина Прилеп.
Покрај црковното празнување на овој ден и Божествената литургија која се служи во сите цркви во Прилеп, а главниот настан е во црквата Свето Благовештение во Прилеп со која литургија секогаш чиноначалствува Митрополитот Преспанско-Пелагониски, Г. Петар, како главен бечег на овој ден е и славската трпеза која се служи во центарот на Прилеп за сите граѓани. Таа е посна, составена од грав, риба и секако најпознатите прилепски посни специјалитети малите посни сарми со кои Прилеп влезе и во Гинисовата книга на рекорди во 2008 година.
Членките на здружението „Преродба“ се дел од оваа традиција на подготвовка на овие сармичиња од самиот почеток на манифестацијата и таа традиција ја немаат прекинато до денес иако во последните години домаќините за славата ги користат услугите на кетеринг сервисите од градот.
„Се продолжува традицијата, ние одлучивме да ја продолжиме и понатаму, да не престануваме. Таа се состои од посна сарма, прилепската сарма е многу позната, бидејќи многу мали се сармичињата. Во другите градови додаваат и други додатоци, кај нас амурот е од ориз, масло, пипер, црн бибер и малку сол. Таа се вари, јас сум учествувала и во варењето на сармите во годините кога ние ги припремавме овие сарми, нашето здружение со други здруженија собрани. Сармите се варат исклучиво на масло, сосем малку се става од расолницата, другото сето се додава масло и најмалку 4 саати сме ги вареле. На светиниколската трпеза имаме гравче, риба, маслинки, овошје и пијалок, како и благи работи. Бидејќи во времето јас учествував и во делењето на сармите на булеварот, тука дававме од сите работи“, рече Марија Михајлоска, членка на „Преродба“.
Членките на „Преродба“ велат дека за жал многу од младите се иселуваат од градот, но тие гледаат да им ја пренесат традицијата на нив колку што можат повеќе и истата тие да ја практикуваат каде и да се наоѓаат во светот.
„Еве јас имам ќерка во Австралија, 15 години откако е појдена таму и тие на сите празници, не само на Св. Никола, туку и Велигден, Божиќ, на сите празници сите адети ги практикуваат, прават сарми, вапцуваат јајца, во зависност од празникот што носи, тоа го работат. Свадбите претежно со сите адети ги прават, јас таму имам седено година и седум месеци и сум била и на свадби, на крштевки, слави и гледам дека се трудат нашава традиција да продолжи и таму. И многу ми е ќеф да ви кажам што и таму се чувствуваат како да се овде во Македонија, многу сум задоволна од тоа. Телефоните тука се, веднаш мамо како беше тоа, како се правеше ова, како се правеше она, јас сум тука да објаснам, да кажам и тоа со задоволство. Летово беше тука ќерка ми, јас месам, сучам, а таа застанала над мене да гледа како правам, што правам за да им прави на децата, тие многу сакаат наши македонски јадења да ги спремаат и да ги јадат“, вели Ленче Спиркоска, членка на „Преродба“.
Славите во Прилеп се чекаат со цело срце и душа. Домаќинките велат дека тоа е момент кога може да се видат ситe, да се соберат, да си помуабет, да се најадат, а на крај и да запеат. Се во духот на нашата традиција која постои тука од памтивек, а ќе постои и понатаму. Годинава Општина Прилеп ги кани сите граѓани да бидат дел од овој настан, прво да присуствуваат на Божествената Литругија, а потоа и на прережувањето на славскиот колач и водосветот во центарот на Прилеп кај Параклисот посветен на Свети Никола, по што ќе има посна трпеза за сите присутни и богата културно уметничка програма.