Советот и Локалната самоуправа на општина Прилеп одлучија на денешната 53 -та седница на Советот на Општина Прилеп да им доделат 900.000 денари како награда за пожртвуваноста на пожарникарите во ТППЕ. Освен оваа на седницата се најдоа уште тринаесет други точки.
Првата точка на дневен ред, предлог-одлука за измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Прилеп ЕЛС Општина Прилеп за 2024 година наиде на дискусија кај советниците за тоа како се трошат буџетските средства. Пред советниците се најде и тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈКП Пазари Прилеп, за период од 01.07.2024 година до 30.09.2024 година, како и предлог-заклучок за давање овластување за потпишување на анекс на Колективен договор за уредување на правата и обврските од работен однос на вработените во ова јавно претпријатие, кои беа изгласани од советничкото мнозинство.
На дневен ред пред советниците беше и одлука за давање согласност на одлуката за расходовање и отуѓување на оградата на ЈОУДГ „Наша иднина“- Прилеп, како и решението за именување на претставник во УО на ООУ ,,Рампо Левката“ – Прилеп и одлука за давање позитивно мислење на Статутарната одлука за измена и дополнување на Статутот на ООУ ,,Гоце Делчев’’- Прилеп.
Со мнозинство на гласови беше усвоена одлука за подигање, чување, одржување, заштита и користење на спомен обележје-спомен плочи поставени на сквер (патека) во чест на славните личности од областа на културата од Прилеп. Потоа советниците гласаа за донесување на урбанистички проекти, одлуки за утврдување услови за донесување на урбанистичко планска документација со која ќе се изврши проширување на планскиот опфат и вклопување на бесправниот објект по барање на физички лица.
Дневниот ред беше надополнет со предлог – одлука за доделување на парични средства на пожарникарите од ТППЕ – Прилеп во висина од 900.000 денари за нивната максимална пожртвуваност во гасењето на огромните пожари кои што ја зафатија општина Прилеп и уште една одлука за донесување на урбанистичко планска документација со која ќе се изврши проширување на планскиот опфат и вклопување на бесправниот објект по барање на физичко лице, кои беа едногласно прифатени од советниците.