Мециновиќ: Власта измами, народот ќе плати – следуваат повисоки сметки за струја

Facebook
Twitter
Email
Print

На денешните опозициски прашања до власта, пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, постави прашање до министерката за енергетика, Сања Божиновска, притоа потенцирајќи го фактот дека следуваат повисоки сметки за струја и дека со тоа власта го измами народот.

„Додека државните елементи се во долгови – приватните елементи бележат огромни добивки. Поради оваа ситуација, иако манипулиравте, за Нова година ќе имаме ново поскапување на струјата!

Кога гледаме дека приватниот интерес заработува од македонските граѓани, а сите државни елементи се во загуба, дали Вие, министерке, сте тука за вашите познанства во индустријата да ги искористите за Мицкоски за полесно да ги направи сите зделки со енергетската мафија која го спонзорира него, неговата партија и коалиција“, праша Мециновиќ.

Притоа, тој потсети на еден политички светски феномен кој се случи во изминатите неколку години, а тоа е дека сите влади, кои беа на кормилото на своите држави за време на енергетската криза доживеаја пораз, освен исклучок е Индија.

„Јас би посочил на тоа дека Вие како експерт во македонската јавност се појавивте да ги ублажите енергетските маки на граѓаните. Мицкоски како човек од овој сектор се појави за со магично стапче да ги реши енергетските проблеми на граѓаните во Р. Македонија. Јас би ве предупредил дека затоа што сте поставени да ги решавате енергетските проблеми на народот. Со ова што го правите, со Буџетот за 2025 година и со вашето политичко дејствување, јас ве уверувам дека токму преку вашето министерство и преку вашата дејност, оваа влада ќе се делегитимира и следните избори ќе бидат референдумски избори за високи сметки и за приватниот интерес во енергетскиот сектор или за конечно ставање на ред во безредието на енергетската индустрија со која владее енергетската мафија претставена преку вашите партии на олигархијата“, појасни пратеникот од Левица, обраќајќи се кон министерката за енергетика.

Мециновиќ потсети дека во 1991 год, Македонија беше под ембарго, Македонија немаше сопствена полиција, Македонија немаше сопствена валута.

„Зошто преживеа Македонија во 1991? Затоа што имаше независен енергетски систем. Сега Македонија нема независен енергетски систем. Токму кога Македонија ја губи својата енергетска независност, Вие дојдовте како ,спасител’, Министерството за енергетика е отворено како министерство кое треба да ги реши проблемите со енергетиката, но веќе можеме да видиме дека вашата експертиза и експертизата на Мицкоски не се за да се подобри независноста на Македонија, туку токму заради вашето познанство, заради вашата експертиза во секторот да се задоволат приватните интереси на енергетската мафија во Р. Македонија“, образложи Мециновиќ.

Според него, развивањето на енергетската независност значи поголем суверенитет на Р. Македонија и поголема отпорност на екстерни фактори кои влијаат на донесувањето на одлуките во Р. Македонија.

„Мицкоски, бидејќи е изборно-атрактивно, постојано го споменуваше Чебрен кој ќе беше изграден од државни пари, а сега во овој Буџет, гледаме една голема нула за Чебрен! Зошто не предвидувате пари за Чебрен? Бидејќи, крајно, прашањето на граѓаните е зошто постојано им растат сметките за струја и зошто им се уништува животниот стандард?

Затоа што оваа влада има за цел само да го задоволи приватниот интерес на енергетската мафија“, додаде Мециновиќ.

Пратеникот од Левица потсети дека проектната документација, студијата на техничко ниво за Чебрен, веќе постои во ЕСМ и дека за Чебрен, потребно е само да се има политичка волја која е далекусежна, бидејќи опфаќа временска дистанца поголема од еден мандат.

„Вие немате политички интерес да правите нешто што е далекусежно позитивно за државата, зашто вие знаете дека имате четири години.

И четири години се потребни да се наполнат вашите џебови и џебовите на олигархијата која ве спонзорираше за да дојдете на оваа позоција, за да го отворите Министерството за енергетика и во следните четири години да ја продолжите агонијата на граѓаните на Македонија. Крајниот суд ќе биде на Вас, министерке! Бидејќи на крај, вие како прва министерка за енергетика, нема да направите ништо за развивање на независноста на енергетскиот систем во Република Македонија. Не можеме да зборуваме за иднина на нашите граѓани, сѐ додека во таа равенка нема енергетска независност“, поентираше Мециновиќ.

Прашањето на Мециновиќ до министерката за енергетика произлегува од новонастанатите состојби кои може да се увидат и да констатираат со носењето на буџетот за 2025 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи