УЈП: Сите угостители кои организираат предновогодишни и новогодишни забави да издаваат фискални, ќе има контроли



Управата за јавни приходи Ве потсетува дека сите угостители кои организираат предновогодишни и новогодишни дневни или вечерни прослави и продаваат влезници (резервации) и/или ваучери, должни се да издадат фискална сметка при продажбата на истите, согласно член 2 од Законот за регистрирање на готовински плаќања.

Оваа обврска секако се однесува и на сите останати угостители кои ќе остварат готовински промет за други угостителски услуги, истиот да го регистрираат преку одобрен фискален систем и да издаваат фискални сметки за крајните корисници на услугите.

Воедно ги потсетуваме даночните обврзници – угостители кои ќе ангажираат музичари или естрадни уметници во наредниот период како физички лица, да склучат договори за извршување на повремени или привремени услуги и да го пријават и платат данокот преку системот на УЈП на https://e-ujp.ujp.gov.mk/

Од значење е да се има предвид дека данокот на додадена вредност не е Ваш – тој припаѓа на сите граѓани!

Ве молиме на видно место да истакнете Соопштение, каде што ќе ги информирате купувачите за нивната обврска да бараат фискални сметки и на тој начин да бидете даночно усогласени!

Потрошувачите на добра, односно корисниците на услуги, при купување должни се: „Да побараат фискална сметка и истата да ја чуваат по напуштање на местото на прометот на доброто, заради контрола. Секој граѓанин има право и обврска да ги пријави недисциплинираните даночни обврзници кои не ги исполнуваат своите обврски и не издаваат фискални сметки.“

Управата за јавни приходи врши контроли на терен на цела територија на државата. За угостителите кои нема да издаваат фискални сметки или нема да ги почитуваат законските обврски, ќе бидат преземени соодветни мерки и поведени прекршочни постапки согласно Законот за прекршоци, Законот за регистрирање на готовински плаќања (ЗРГП) и Закон за даночна постапка (ЗДП) и тоа преку издавање на прекршочен платен налог.

Доколку обврзниците ја платат глобата во рок од 8 дена, износот на истата се преполовува, но доколку глобата не се плати во зададениот рок, УЈП поднесува барање до Комисијата за поведување на прекршочна постапка и изрекува забрана за вршење на дејност во траење од 15 дена, сѐ до моментот на плаќање на глобата и отстранувањето на неправилноста.

Во случај, даночните обврзници да не се усогласат со Законот за регистрирање на готовински плаќања, при повторна контрола УЈП има право веднаш  да изрече забрана за вршење на дејност во траење од 30 дена.

Стопанствениците регистрирани даночни обврзници кои закупиле штандови за продажба на пијалаци, храна и други производи на организиран простор за прослава за претстојните празници, имаат обврска да користат одобрен фискален апарат, во доволен број, и за секоја услуга, односно за секоја продажба да издаваат фискална сметка. Воедно, во книгата на дневни финансиски извештаи да го евидентираат остварениот промет за секоја фискална каса навремено, а најдоцна наредниот ден да го уплатат дневниот промет на трансакциска сметка кај носителот на платен промет.

Испраќаме апел и до сите физички лица кои ќе вршат продажба на производи од времен карактер, како дел од базари или новогодишни и божиќни настани на отворен или затворен простор, а сè уште се немаат усогласено со Законот за данок на личен доход (ЗДЛД), да поднесат Барање за паушално плаќање на данокот од вршење на дејност од времен карактер, во подрачната единица на УЈП каде што ја вршат дејноста, со цел да им се издаде решение со утврдени аконтации на данокот на личен доход и налози за плаќање на данокот за остарениот приход во периодот додека ја вршеле дејноста.

УЈП апелира да се придржувате кон законските обврски и да бидете одговорни даночни обврзници!

За сите дополнителни информации или прашања, можете да се обратите во Контакт Центарот на УЈП.

Контактирајте нè на:

е – пошта: infо@ujp.gov.mk

фиксен 0800 33 000

мобилен 02/ 3253200

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи