Веќе 18 година по ред Прилеп го одбележува својот патрон празник, заштитникот на градот Свети Никола. Централното одбележување е во црквата Свето Благовештение каде со Божествената литургија чиночалствува Митрополитот Преспанско-Пелагониски, Г. Петар, а потоа во центарот на градот кај параклисот на Свети Никола има прережување на славскиот колач и водосвет. Владиката Петар порача овој ден да се прогласи и за неработен затоа што половина Прилеп го слави Свети Никола, а другата половина одат на гости.
„Ни недостасуваат обрасци, примери на вистински луѓе со достоинство, луѓе со авторитет и не дека ги нема, туку можеби од оние што се туркаат да ги фатат првите места не можат да дојдат на ред. Да се угледаме на личностите кои дале врвен придонес во секој поглед за местото за кое се поставени. Еве го Свети Николај ни е вистинскиот пример“, вели Митрополитот Преспанско Пелагониски, Г. Петар.
Годинава домаќин беше Општина Прилеп, а идната година се две прилепски компании, Матадор и Бимфуд.
„Свети Никола е симбол на хуманоста, добротворноста и грижа за немоќните и сиромашните. Неговото дело е патоказ и инспирација како да ја градиме нашата заедница врз основа на добрината, разбирањето и солидарноста“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
„Во името на мојата компанија и од името на компанијата Бимфуд, кои се во Србија и не се присутвни, слават куќна слава, ви благодарам на сите за честа и ве поканувам в година во уште поголем број да го прославиме Св. Никола заедно“, кажа Игор Стеванов, сопственик на компанија Матадор, иден домаќин на градската слава.
Поранешниот градоначалник, кој ја воспостави оваа традиција во 2006 година, Марјан Ристески, се потсетува за тоа како се изгради овој прилепски бренд.
„Па бренд е да, по примерот на Прилеп после почнаа и другите општини да имаат свои патрони, што е добро за Македонија. Но многу гости идат токму на оваа слава и да не заборавиме дека пред повеќе години се воспостави и првиот гинисов рекорд со тие посни сармички, кога вредните раце на женските организации изработија 80.191 сарма. Мислам дека рекордот се уште не е турнат“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Граѓаните се горди на својот патрон празник и достојно секоја година го одбележуваат.
„За Прилеп значи многу, традицијата 20 години е добра.
Доаѓате секогаш тука за празникот?
Секој Св. Никола доаѓам, палиме свеќи на парастасот“, вели еден граѓанин.
„Немаме ние слава, но сите комшии имаат слава, така да во градов можеби половина луѓе имаат слава. Да посакаме здравје, среќа, мир, да запалиме свеќа и на Св. Никола да се помолиме“, додаде друга граѓанка.
„Денеска ние не правиме слава, го славиме цел град Св. Никола, а ќе одиме на слава кај роднини.
Што значи за вас Св. Никола и овој ден?
За мене Св. Никола значи голем ден, дека ние како православни христијани си веруваме во Господ, си ги славиме сите свети отци кои животот го дале за Господ“, вели трета граѓанка присутна на денешниот настан.
„Каде одите на слава?
Кај синот. Тој е далеку, но си ја прави славата и таму одиме, во Струга.
Како се празнува Св. Никола?
И таму се слави, но овде е многу убаво, на градот ни е заштитник. Во Прилеп Св. Никола си го славиме без грешка, сите весели, радосни дојдовме да се помолиме за здравје, да запалиме свеќа“, истакна друга посетителка на одбележувањето на Свети Никола во центарот на Прилеп.
За сите присутни во центарот на градот според Општината биле поделени над 800 посни порции со грав, риба и мали посни сарми, а имаше и пригодна културно уметничка програма.