На 19 декември 1921 година во селото Небрегово, прилепско, е роден Блаже Конески, еден од најистакнатите македонски културни дејци, академик, писател, врвен поет, научник, чие творечко истражување даде огромни резултати во македонската литература во областа на културната историја на македонскиот народ.
Блаже Конески бил прв претседател на Друштвото на писателите на Македонија, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите, почесен доктор на Чикашкиот универзитет и на Универзитетот во Врацлав.
Во 1945 година ја објавува првата книга, поемата “Мостот”, а потоа и делата “Земјата и љубовта”, “Песни”, “Стари и нови песни”, “Чешмите”, “Послание”, “Светот на песната и легендата” и други.
Автор е на повеќе значајни трудови, меѓу кои и на “Граматиката на македонскиот јазик”, “Историјата на македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици и јазикот на македонската народна поезија”. Се занимаваше и со преведувачка дејност.
Во македонската современа општествена стварност, во смисла на одбрана на македонската држава и македонскиот јазик, како темели на македонскиот национален и историски идентитет е позната неговата максима: „Јазикот е нашата единствена целосна татковина“.
Покрај другите награди, Конески е добитник и на “Златниот венец” на Струшките вечери на поезијата во 1981 година.
Умира во Скопје, на 7 декември 1993 година.