ВИДЕО – Јаневска: Потребен е Фонд за поддршка на локалните новинари и субвенционирање на нивните придонеси


Само пред 7 до 8 години на настаните вообичаено се туркавме еден со друг за да обезбедиме место за камера, или за диктофон 15 луѓе, 17 луѓе, наспроти глетката денес кога на настани едвај се собираме 3 новинари и уште 2 сниматели. Сето ова покажува во каква состојба се наоѓаат локалните медиуми, или велешките локални медиуми, истакна денеска на прес конференцијата во Прилеп, Убавка Јаневска, новинар и член на ССНМ.

„Жалам што морам да споделам дека за 3 години во Велес згаснаа 2 телевизии, пред згаснување се радио станиците и се борат за егзистенција 3 веб портали. Тоа е сликата која што ја оставаме пред граѓаните, од кои што досега многупати сме побарале поддршка, барем ние новинарите, во делот на презентирањето на нашиот труд, или она што го работиме секојдневно и бараме читаност.  

Значи состојбата со обезбедувањето на егзистенцијата во локалните медиуми е страшно лоша, не можеме да работиме без помош од донатори, а нив ги обезбедуваме преку пишување на проекти. Во медиуми во кои има 1,6 рекоа моите колеги, еве јас слободно ќе кажам во медиум во кој има 3-4 вработени лица, да се биде главен и одговорен уредник, да се посети настан, да се напише информација и да се пронајде слободно време за да се напише проект, и згора на се да се обезбеди реклама е ужасно тешко. 24 часовната работа нас не исцрпува и не прави на крајот и неинвентивни.

Морам да кажам дека ваквата состојба повеќе не може да се толерира, потребна е помош на медиумите. Сакам да кажам дека за мене е особено значајно основањето на Фондот за производство на медиумски содржини, кој треба пред се да биде насочен кон локалните новинари и медиумски работници, затоа што сметаме дека тоа е формата која ќе ни овозможи да произведуваме или продуцираме квалитетни медиумски содржини, а на некој начин и ќе обезбедиме финансиски средства за да бидеме препознаени и од самите граѓани и од рекламерите, кои се многу значајни, но не не препознаваат во локалната заедница.

 Поддршката на локалните медиуми преку субвенционирање на придонесите за пензиско и здравствено осигурување за медиумските работници е исто така едно суштествено барање кое сметавме дека треба да го има во манифестот, а исто така и воведување на активни мерки за вработување на млади новинари и медиумски работници во локалните медиуми, затоа што мораме да обезбедиме самоодржливост од една страна, но и кадровски потенцијал. Во Велес последните 5 години немаме ниту еден дипломиран новинар, што е пораз“, додаде Јаневска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи