Во Ликовна Галерија од ЦК “Марко Цепенков” Прилеп, синоќа 20.12.2024, беше отворена ретроспективната изложба на дела од Илија Миноски. Претставени се 40 – тина дела, работени во различни периоди, од кои некои за првпат се на увид на прилепската и македонската јавност. Отворајќи ја изложбата Викторија Димеска, историчар на уметност, ќе посочи дека академскиот уметник Миноски изградил сопствен ликовен израз преку експетиментирање со многубројни технички можности што ги нуди акварелот.
„Миноски експериментирал со колоритит, просторот и формата, истовремено ослободувајќи ги облиците од нивните контурни окови и ригорозни структури, создавајќи креативни и неповторливи, односно единствени апстрахирани или флуидни површини што потсетуваат на етерични спомени и сеќавања“, рече Димеска.
Верица Миноска, ќерката на уметникот, во името на семејството, заблагодарувајќи се за можноста делата да се на увид пред јавноста посочи:
„За него уметноста, акварелот беше се. Неуморно црташе секој ден.Копнееше да има свое ателје, свое катче за да можи на мир да работи, и чекаше навечер кога дома се одморавне или бевме излезени, на масата да нареди хартија,четки, бои и да твори….Наутро стануваше рано, шеташе низ градот, ја гледаше архитектурата, Селечка, Маркови кули и одново и одново добиваше инспирација за нови дела.Црташе, работеше се додека болеста и возраста, за да четката не му стане претешка.Се надевам дека делата ќе не надживеат, и следните генерации ќе уживаат во нив и ќе го ценат тоа што тој го направи за својот роден град, кој многу го сакаше, како што ја сакаше и уметноста“, посочи Верица Миноска.
Изложбата Центарот ја реализираше со поддршка на Министерството за култура и туризам.