Здружението на велосипедисти „МАРКОВИ ТОЧАКЏИИ“ од Прилеп донираа Новогодишни колетчиња за дечињата со посебни образовни потреби во основното општинско училиште „Климент Охридски“ од Прилеп.
Беа донирани вкупно 55 колетчиња, по едно за секое детенце кое е дел од оваа програма на училиштето.
„Основна цел на Здружението е промоција на велосипедот како превозно средство, здрави животни навики и спортски стил на живот, љубов кон природата и животната средина, промоција на Прилеп преку нашите активности во државата и надвор од неа, како и развој на алтернативниот туризам во нашата општина преку велосипедските тури кои ги организираме. Но секако, една од целите е и наш допринос во општеството воопшто, на секаков можен начин преку разни активности во рамките на нашето здружение кои ги имаме зацртано во нашата годишна програма. Оваа акција е токму дел од таа програма и со нашата скромна донација сакаме да им ги разубавиме Новогодишните празници на дечињата од училиштето „Климент Охридски“ во Прилеп“, велат од МАРКОВИ ТОЧАКЏИИ.
Од „Климент Охридски“ од Прилеп се заблагодарија за дадената донација.
„Благодарност до нив и се надеваме дека од година во година ќе растат како здружение на уште големо професионално ниво и дека многу вљубеници на велосипедот ќе го следат нивниот позитивен пример“, истакнаа од училиштето.