ВИДЕО- Прилеп добива нов фудбалски клуб Градски фудбалски клуб или ГФК Победа

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци
Здружението Градски фудбалски клуб или ГФК Победа Прилеп е основач на новиот фудбалски клуб Градски фудбалски клуб или ГФК Победа. Основачи на ова здружение се Робертино Илиоски, како негов претседател и членовите Игор Стеванов, Роберт Талески, Валентин Колевски и Иванчо Младеноски. Новата фудбалска сезона ГФК Победа ќе ја започне од третата фудбалска лига, а Шеф на стручниот штаб е поранешниот играч на овој клуб, Филип Мирчески. Поранешниот фудбалер Тони Наумоски ќе биде задолжен за регрутација на младинската екипа, односно пионерите и кадетите. Клубот ќе фунционира на почетокот преку донации и спонзорства, а понатаму се надеваат и на поголема поддршка од Општина Прилеп. Тренинзите засега ќе бидат на стадионот со вештачка трева кај типските куќи, првиот официјален тренинг ќе биде вечер во 20 часот. А понатаму натпреварите ќе се играат на Градскиот стадион „Гоце Делчев“.

„Прилеп, односно прилепска Победа ќе живее. Што значи тоа, во интерес на потребите на градот, на спортот  во нашиот град, група на граѓани кои сакаат да функционира и да се развива спортот во нашиот град го формираа здружението „Градски фудбалски клуб Победа –Прилеп“, а понатаму и истоимениот клуб ГФК Победа Прилеп.

Денес оваа прес конференција ќе ја искористиме само да ја информираме јавноста за она што во моментот ние го креаиравме и создадовме, а понатаму заедно ќе имаме понатамошна соработка и ќе ги добивате сите информации кои се потребни. Она што во моментот треба да го знаете е дека ја започнуваме новата фудбалска сезона во третата лига од регионот во кој може да се натпреварува нашата екипа. Ростерот, односно фудбалерите се исконтактирани, ги имаме сите на располагање и се спремни да го дадат својот максимум за да почнеме заедно да се бориме да го вратиме местото на нашата Победа, а тоа е во највисоките лиги во нашата држава. Почнуваме етапно од трета лига и се надеваме дека во најкраток можен рок ќе одиме во втора лига и се разбира промоцијата во прва лига да биде во најскоро време. Во однос на стручниот штаб сме максимално подготвени, тој ќе биде предводен од лицето кое е добро познато за прилепската јавност, поранешен фудбалер, човек кој знае што значи да се носи дресот на нашиот клуб, знае која е тежината на овој клуб и токму затоа е ангажиран да помогне во овој период, заедно да почнеме да го градиме и да го издигнеме на високи патеки брендот наречен Победа, а тоа е лицето Филип Мирчески. Во однос на бројот на фудбалерите сме спремни, ги исполнуваме сите критериуми и сите потребни административни документи за ние да почнеме да настапуваме понатаму.

Во овој момент сакам да ја информирам јавноста дека започнуваме сериозен проект, а како доказ за тоа дека ова ќе биде долгогодишен проект, кој полека почнуваме да го градиме, се младинските лиги кои успеавме да ги вметнеме во нашиот клуб. Ексклузивна информација за сите фудбалерчиња од генерациите 2010, 2011, 2012 година дека во склоп на нашиот сениорски клуб ќе имаме и младински категории кои ќе можат со гордост да учествуваат во тие млади категории, за понатаму да се борат да го преземат епитетот на играчи за нашиот клуб. Ова е еден апел за сите заинтересирани родители и дечиња кои сакаат да се натпреваруваат, да пристапат во нашиот клуб и ние сме тука да им помогнеме, односно да бидат регрутирани и да учествуваат во нашите младински категории.

Како клуб на почетокот ќе функционираме преку донации и спонзорства, а понатаму се надеваме дека локалната самоуправа, односно градоначалникот ќе го препознае нашиот проект и нашата амбиција да се градиме и да се развиваме во сериозен клуб, па така очекуваме помош и од локалната самоуправа во делот на развивање на самиот клуб и на самиот спорт. Во овој момент имаме основа и добра финансиска конструкција за да го започнеме натпреварувањето во третата фудбалска лига.

Бидејќи станува за сериозен проект кој понатаму сакаме да го развиваме, темелите кои ќе ги поставиме на почетокот се многу битни за понатаму, па така како клуб ќе настапуваме на градскиот стадион „Гоце Делчев“ Прилеп, кој знаете каква историја има и токму почнуваме оттука, за бизнис секторот, односно реалниот сектор и сите спортски работници да видат за каков проект станува и ако ние ги поставиме работите на почеток како што треба мислам дека и понатаму ќе се развиваме уште подобро. Затоа мислам дека градскиот стадион ќе биде нашиот дом и во третата лига, но и понатаму како се развиваме и растеме во понатамошните лиги.

Како здружение на граѓани, како управа која во овој момент ќе го раководи овој клуб, ниту имаме потреба да се занимаваме со минатото, ниту знаеме во каква состојба е и што се случувало таму. Ние нашето здружение го формиравме пред извесен период, ги исполнивме сите критериуми кои треба да ги имаме за да учествуваме во македонската фудбалска лига, така да од денес ние почнуваме, ако може така да се каже од нула и сакаме да градиме клуб кој ќе поставиме сериозни темели на функционирање. Тоа здружение кое го формиравме, јавноста за брзо ќе се увери дека е формирано од луѓе кои имаат сериозен кредибилитет и во општеството, во бизнис секторот и имаат минат труд во самиот клуб. Направена е една добра форма за да најпрво и ова е еден од главните постулати на кој ние ќе работиме овој период, е враќање на самодовербата како кај бизнис секторот, така кај граѓаните, и се разбира на оние кои ја носат во крвта Победа. Ние како здружение во овој момент прифативме апсолутно и без никаква лична корист да го работиме ова, во интерес прво на градот, на спортот и пред се на името Победа. Затоа испраќаме апел од оваа прес конференција и понатаму од сите наши јавни излагања, сите кои имаат искрена и чесна намера овој проект да успее, да се приклучат и во својот домен да помогнат во развивање на овој клуб. Како што ние сме одлучиле да инвестираме дел од своето слободно време и во желбата да растеме, така е ова апел до сите спортски работници, фудбалери, бизнис сектор, сите кои сакаат да се приклучат, сега е вистинско време.

Јас овде на оваа прес конференција како претседател на здружението и понатаму како претседател на клубот, значи и здружението и клубот се викаат „Градски фудбалски клуб Победа Прилеп“. Бидејќи ме прашавте, мислам дека добро е да ја запознаеме јавноста, од оправдани причини остатокот од членовите од здружението не се присутни, но покрај мене тука е Игор Стеванов, кој е дел од здружението, потоа Роберт Талески, Валентин Колески и Иванчи Младеноски, значи тие сме 5 луѓе кои бевме иницијатори и имавме искрена и чесна намера да го започнеме овој проект и се надеваме дека многу голем број на луѓе ќе го препознаат ова и ќе ни приклучат во оваа намера, односно во оваа борба, здравје за 2 години отсега Победа Прилеп да биде во првата лига и градскиот стадион да биде во такво руво какво сите сакаме да го има.

Тони Наумоски ќе биде вклучен во делот на регрутација на младите луѓе и за тие младински категории, односно пионери и кадети кои би биле понатаму потенцијална основа во креаирањето на нашиот клуб.

Официјално вчера ја имавме првата прозивка од страна на стручниот штаб кон играчите, сите играчи се тука, спремни се и желни во најбрз можен рок да почнеме со тренажен процес. Целата јавност ја информираме дека првиот официјален тренинг како нов фудбалски клуб го имаме денес во 20 часот на стадионот со вештачка трева во населбата Типски. Во комуникација со тренерот ни кажа дека сите тренинзи би се одвивале таму, затоа што паралелно работиме на враќање на вистинскиот сјај на граскиот стадион „Гоце Делчев“, значи не сакаме да имаме поместување таму, односно да има некои проблеми со теренот и затоа тренинзите би се одвивале на вештачката трева“, изјави Робертино Илиоски, претседател на Здружението Градски фудбалски клуб или ГФК Победа Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци