На денешен ден, 17 ноември 1991 година, Собранието на Република Македонија го донесе првиот Устав на независната македонска држава, со што беа поставени темелите на нејзиното уставно и правно уредување.
Историскиот чин се случи во период на големи политички промени и распаѓање на поранешната југословенска федерација, по референдумот од 8 септември 1991 година, на кој граѓаните се изјаснија за создавање самостојна и суверена држава.
Со донесувањето на Уставот, Македонија беше дефинирана како суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Највисокиот правен акт ги утврди основните принципи на парламентарната демократија, поделбата на власта, заштитата на човековите права и слободи, како и институционалното функционирање на независната држава.
Уставните темели се поврзани со историските стремежи за македонска државност и борбата за слобода и независност, втемелени во традициите на Крушевската Република и АСНОМ, како и во заложбите за демократско уредување и почитување на правата и слободите на граѓаните.
На донесувањето на Уставот му претходеше Декларацијата за независност, усвоена од првиот повеќепартиски состав на Собранието на 25 јануари 1991 година. Сепак, процесот на осамостојување беше проследен и со политички несогласувања. Дел од граѓаните од албанската етничка заедница го бојкотираа референдумот, додека пратениците Албанци не го поддржаа новиот Устав.
Меѓународното признавање на државата беше потврдено на 8 април 1993 година, кога Република Македонија стана 181. полноправна членка на Обединетите нации. Поради противењето на Грција на уставното име, приемот беше реализиран под привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија“.
Во изминатите децении Уставот претрпе повеќе измени и дополнувања. Меѓу позначајните се амандманите од 2001 година, по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, како и уставните измени од 2019 година, со кои името на државата беше променето во Република Северна Македонија.
По повод 35-годишнината од донесувањето на првиот Устав, денеска во Собранието ќе се одржат повеќе панел-дискусии посветени на историскиот процес на осамостојување и значењето на највисокиот правен акт во градењето на државноста.