Министерството за култура нема ништо против обновувањето и заштитата на културното наследство, вклучувајќи ги тука и верските објекти, но тоа да се спроведува во законска процедура, почитувајќи ги сите прописи и постапки што се однесуваат на заштитување на објекти со историско значење. Ваков е ставот на Министесртвото за култура по прес-конференцијата на здружението „Совест“ во Охрид, кое предупреди дека со реконструкција на Али-пашината џамија се уништува културното наследство.
Од Министерството велат дека формирале комисија, која ги испитува околностите во однос на реконструкцијата.
„Работната група дојде до заклучок дека министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, нема основа да ги запре работите, но ги охрабруваме сите надлежни институции да постапуваат доколку имаат индиции за прекршување на законските процедури. Работната група препорача, а Министерството ќе достави барање до УНЕСКО за стручно мислење – дали е во склад со стандардите за заштита на градот да се реконструира објектот во такви димензии“, велат од Министерството за култура.
Додаваат дека слободата на вероисповед е загарантирана со Уставот, а дека заштитата на културното наследство, вклучувајќи ги историските верски објекти без оглед на религијата на која припаѓаат, е врвен приоритет на Министерството.
Во декември минатата година Алаѓозовски изјави дека ќе биде стопирана реконструкцијата на пет века старата Али-пашина џамија во Охрид. Тој рече дека не би дозволиле таму да се гради, а самото градење да предизвика етнички тензии и тоа да биде надвор од законските процедури.
Граѓанското здружение „Совест“ денеска на прес-конференција реагираше за начинот на којшто се врши реставрацијата на Али-пашината џамија, и за градежните активности околу објектот, за коишто тие тврдат дека се спроведуваат без соодветна дозвола од надлежните институции. Тие побараа од министерот за култура да ги сопре градежните активности кои би можеле да предизвикаат непоправлива штета врз културното наследство околу објектот.
Укажувањата на граѓаните од Охрид се дека Али-пашината џамија е изградена на темели од црква. Бидејќи никој не ги слушна нивните укажувања да прекинат градежните работи, тие решија да поднесат кривични пријави против раководни лица од градежниот инспекторат, Управата за културно заштитно наследство и други лица со цел надлежните институции да ги побараат, како што велат, нелегалните активности.
„Ние веќе процесуиравме прекршочни и кривични пријави. Ние зборуваме за зачувување на културното наследство, а тоа не значи дека сееме омраза. Бараме да престанат сите активности, да се формира комисија која ќе ја испита целата процедура. Законот за културно наследство вели дека не е само објектот културно наследство туку и целото место“, вели претседателот на здружението, Михаил Трендафилов.
Тие бараат да се испита и староста на ѕидовите од џамијата, а УНЕСКО да се вклучи во целата оваа процедура. Трендафилов презентираше документ што покажува дека пред изградбата на оваа џамија таму имало античка гробница, римска градба, но и црква Св. Никола. Всушност, моментално градежната машинерија што работи на реставрацијата може да уништи дел од културното наследство кое се наоѓа околу постојната џамија, а истото им пречи на охриѓани.
Иако министерот за култура, Роберт Алѓозовски, рече дека ќе стопира со активностите, градежната машинерија секој ден е на теренот, па затоа се бара официјална одлука за стопирање, која би имала правно дејство.
Моментално, кај Али-пашината џамија се поставуваат нови столбови, а, пак минарето предвидено било да биде високо 32 метри.