Треба на целиот свет да им кажеме дека сме живи и дека мислиме да живееме. Не мислиме оваа земја туку така да ја дадеме, како некој што мисли дека многу лесно ќе поминат нивните очекувања. Истакна денеска Владиката Повардарски Г. Агатангел после литургијата одржана во Прилеп по повод празникот „Свети Три Светители“. Г. Агатангел рече дека
„Навистина сум среќен што овие браќа и сестри, кои се собрале овде да ги прослават нашите славеници на светата црква, Светите Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст, заедно со бакалите на кои им е и славата. Овие светители го собираат нашиот македонски народ, за во духот на православието, на целиот православен свет и на неправославниот свет да им кажеме дека сме живи и дека мислиме да живееме. Не мислиме оваа земја така да ја дадеме, како некој што мисли дека многу лесно ќе поминат нивните очекувања, како сега што се очлекува овие месеци, или година. Јас мислам дека ние како народ сме добродушни и трпеливи, кротки. Тоа го вели и самиот апостол Павле во посланието, дека е многу задоволен од нашенто смирение, од нашата кроткост, кога дошол во Филипи во Солун. Но, кога ќе зоврие народот наша македонски ќе почувствува дека го губи најсветото, името македонско. Кога ќе ја изгуби македонската света православна црква, не знае на која црква ќе припаѓа. Дали на горна македонска, северна македонска, нова македонска, или скопска црква македонска. Јас не знам како ќе се викаме и навистина сум многу загрижен.
Владиката Агатангел рече дека треба сите како народ да застанеме цврсто во одбрана на Татковината.
„Вчера слушав документарна емисија за Васка Илиева. Над 1500 песни само за Македонија има испеано. Можете да замислите? Само за Македонија Васка има 1.500 песни испеани, само за нашата родна Македонија. А што да кажеме за Сариевски, за другите пеачи. Ние сме еден гердан македонски и сега некој сака да земе жилет, да го секне и бисерите да излетаат, да ги снема. Но, не може. Ние имаме комити македонски, имаме браќа што цврсто ќе застанат на браникот на одбрана на нашата татковина Македонија. Јас верувам дека тоа ќе се случи и оние што сакаат на многу лесен начин да го дадат името и убедуваат, министри на некои емисии, аналитичари што прв пат ги гледаш претпоставуваат нешто. Јас праќам повик кон целиот македонски народ, да земиме да си ја сочуваме нашата држава, да застаниме цврство на браникот, на одбраната на татковината, на нашето име, на нашиот македонски јазик, на нашата македонска црква, на нашата култура, нашата историја. Можете да замислите бугарите бараат од нас да си ја менуваме историјата. Тоа е страшно. Јас до вчера учев, а и денес се уште има живи сведоци што правела егзархијата во Македонија, како ги малтретирала луѓето, децата како ги малтретирале. Ако не знаеле презимето да си го кажат, 10-15 стапчиња добивале по рацете. А пак возрасните какви маки тргале, колку убиства, колку наши мајки силувани, колку наши сестри силувани… И сега ние да ја враќаме историјата и да бидеме едно со нив. Не може, ние сме Македонци, тие се Бугари. Ние имаме своја историја, треба да си ја сакаме, да си ја почитуваме и нашите деца да ја научат. Можете да замислите млади деца не знаат за Илинден ништо, не знаат за 11 октомври ништо. Тоа треба да ги учат нашите учители и нашите професори“, додаде Владиката Поварадарскии Агатангел.
Владиката Агатангел упати порака до политичарите да размислеле добро што прават бидејќи тие биле пролазни, а Македонија била вечна.
„Сакам да завршам со нашава македонска судбина со Глигор Прличев и неговата песна за укинувањето на Охридската архиепископија, каде на крајот во еден стих вели: „Сите оние што ја предадоа архиепископијата, што ја продадоа, куќите нивни остаа пусти и утки вијат во нив. Секое ќоше и секое место е полно со пајажина“. Така да и оние што мислат државата да си ја дадат, името на државата, јазикот, историјата, истото ги чека, истата судбина, исто нивните домови такви ќе бидат. Јас се прашувам дали размислуваат што ќе стане со нивните деца, каде ќе растат, каде ќе живеат. Не можат сите да отидат во странство, некој ќе остане тука, ќе излезе со другарчињата на улица. Другарчињата ќе велат дека татко ти ја продаде државата, не сме повеќе Македонци сега сме друго нешто. Затоа го молам целиот Македонски народ, цврсто да застани на браникот, политичарите да размислат добро што прават. Тие се пролазни, денес се, утре не се. Утре ќе дојди друга генерација политичари, па повторно ќе го врата името и тоа е нашата македонска голгота. Но и вие новинарите чувајте ја, бранете ја, сакајте ја од длабочината на вашето срце и верувајте ми, ќе бидеме најбогат народ. Мајката божја, пресвета Богородица е закрилничка на нашава света македонска земја. Господ Исус Христос, апостолот Павле, тие се столбовите кои нема да дозволат ни една ронка да фали од овие наши македоснки простори. А исто така треба да ги охрабриме и браќата од Егејска Македонија, браќата од Пиринска Македонија. Тие се замолчени таму, тие се исплашени. Еден човек пред две-три години, на 98 години почина. Од Беломорска Македонија, дете бегалец. Ми велеше: „Дедо владика, кога ти го бараат јазикот, не ти го бараат јазикот, ти ја бараат државата“. Прво со јазикот почнува. Ако го слушнеле некој дома во својот дом, ги викале ги тепале, не му даваат плата итн итн. Тој народ е исплашен, но не треба да се плашат денес во 21 век. Треба да кажат дека и тие се Македонци, не грчки Македонци, но Македонци“, истакна Агатангел.
Владиката Повардарски рече дека и тој бил спремен да ја брани Македонија и да излезе на улица со својот народ како што тоа го правеше грчката црква пред неколку дена.
„Јас сум спремен да излезам со мојот македонски народ, како тие што се спремни. Ние се трудиме да бидеме добри кон сите цркви, бидејќи не сме признаени и очекуваме признавање. Сакаме добра соработка со сите. Ние сме таков народ. Ние сме кротки луѓе, но само додека не зоврие нашата крв. Кога ќе зоврие крвта во нас тогаш… Сите востанија низ историјата, прво трпеле, па одеднаш излегуваат и се борат. Така ќе биде и овде. Не дај боже да има војна, но на убав дипломатски начин треба да ги решат овие прашања“, потенцираше Владиката Агатангел.
Тој додаде дека сите владици во Синодот на МПЦ-ОА биле единствени околу зачувувањето на нашето име, а доколку имало некој кој бил против требало да одговара, рече Агатангел.