Дури 80 илјади поплаки за прекршување на работничките права пристигнале на адресата на Сојузот на синдикати. Поплаките се по основ на неисплатени плати, отпуштање од работа со несоодветна работна постапка, исплата на додатоци во рамките на минимална плата. Претседателот Дарко Димовски вели дека најголем дел од нив биле решени, без да се вклучи трудовиот инспекторат, но поведени се и судски постапки.
„Грото од тие случаи ги решивме, некои не сакаа да не послушат, па поведовме судски постапки, а за останатите се обративме до Државниот трудов инспекторат. Се постапува, редовно добиваме известување од трудовиот инспекторат каде се врачени решенија, каде се исплатени глоби и најголем дел од работниците со тие решенија се вратени, а онаму каде што не се вратени ССМ им овозможува на тие работници бесплатна правна помош“, рече Дарко Димовски, претседател на ССМ.
Од Државниот пазарен инспекторат пак велат дека освен преку веб страницата и кол центарот, претставки до инспекторатот пристигнуваат и во архивите на подрачните одделенија, како и во централата на Државниот пазарен инспекторат.
„Во периодот од јануари и март 2021 година имаме направено 3.738 надзори по претставки пријавени од граѓани кои што сметаат дека им е повредено одредено право од работен однос или право од заштита и безбедност при работа. Покрај овие вонредни надзори, имаме 541 контолен надзор, и 267 редовни надзори што значи дека инспекторатот навистина работи секојдневно, инспекторите од трудов инспекторат се секојдневно на терен во заштита на работничките права“, истакна Јована Тренчевска, директорка на ДИТ.
Злоупотреби за себе или друг – од сега работниците ќе може да пријавуваат и преку мобилна апликација: ССМ- мои работнички права.
Апликацијата нуди можност и за пријавување на прекршено право за себе и за друго лице, анонимно пријавување, директна комуникација со претставници на Сојузот на синдикати и следење на вести и совети од трудовото право, т.е. да не се прекршат работничките права кои се утврдени со закон и колективен договор.