Наш соговорник за ова издание на Инфо Регион е извршната директорка на СТАНИЦА П.Е.Т., Весна Шапкоски, со која поразговараме околу една актуелна тема во овој период, а тоа е пристапот до правда и остварувањето на правата на граѓаните за време на пандемија. Пандемијата на Ковид 19 освен што е здравствена криза, таа се покажа и како криза за пристап до правда, односно за овој период отежнета е можноста граѓаните да ги остварат своите права. Оние проблеми кои не се нови сега се појавија во своето најлошо светло.
СТАНИЦА П.Е.Т. од Прилеп е организација каде граѓаните се обраќаат за правна едукација, правна помош и заштита или пак се обраќаат за обична постапка која тие не знаат да ја спроведат. Здружението обезбедува правна и параправна помош. Од почеток на пандемијата обезбедиле околу 1.200 услуги на правна и параправна помош на граѓани од општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени. А имаат и две телефонски линии за оваа намена, првата е повикај итна параправна помош, која функционира од март минатата година, а која е достапна 24/7 за сите граѓани. А од јануари годинава е воведена и втора телефонска линија – Прашај здравствен промотор, за граѓаните кои имаат одредени дилеми околу остварувањето на здравствени права. Исто така имаат и теренски групи кои работат на терен со граѓаните.
Според СТАНИЦА П.Е.Т најважен сегмент во оваа криза е загрозување на здравјето на грѓаните, секојдневниот страв во кој тие живеат повеќе од една година, но исто така тие не можат да си ги остварат своите права кои не се поврзани сите со пандемијата. Кризата имаше свои големи економски последици, луѓето останаа без своите работни места. Се појави криза во образовниот систем, криза во социјалната заштита и сето тоа најтешко ги погоди граѓаните кои живеат на маргините на општеството.
Се зголеми бројот на луѓе на кои им е потребна социјална помош. Установите дел од својата работа ја префрлија онлајн, дел од обрасците и услугите беа префрлени да се потполнуваат онлајн. Тоа создаде проблем кај одредена категорија на граѓани кои имаат проблем со дигиталната комуникација или немаат соодветни дигитални алатки за да ја реализираат истата. Се создаваа редици и колони граѓани кои чекаат пред институциите кои работеа со намалени капацитети. Предизвик беше и самото започнување на учебната година заради почитување на превентивните мерки. Најтешко беа погодени граѓаните од руралните средини и посиромашните граѓани кои немаа соодветни услови за следење на онлајн наставата.
За сите овие прашања и но и за тоа колку институциите гледаат искрен партнер во граѓанските организации и сакаат да соработуваат со нив за создавање подобро општество и остварување на правата на граѓаните погледнете во ова навистина интересно интервју.