Климатските промени претставуваат долготрајни промени на временските услови следени во подолг период.
Трендот на растот на температурата на воздухот е забележан и на територијата на Република Северна Македонија. Во поглед на трендот на врнежите постојат разлики на регионално и локално ниво. Како еден индикатор за промените на климата во Република Северна Македонија се значително повисоките средни годишни температури на воздухот во последните дваесет години во однос на просекот за периодот 1961-1990. Од нив најголеми промени се забележани во 2000, 2001, 2007 и 2008 година. Во текот на летото, според податоците за максималните температури на воздухот, во последните години се забележани екстремно високи температури на воздухот.
Земјоделството е еден од најчувствителните сектори за сегнати од климатските промени. Климата има директно влијание врз метеоролошките, хидролошките, почвените, еколошките услови, но и други поврзани процеси со земјоделското производство. Секое нарушување на овие услови, може значајно да влијае врз планираниот принос, но и самите процеси на производство.
Последиците од климатските промени ќе се почувствуваат преку:
– недостиг на храна (заради намалените приноси)
– економската состојба на самите земјоделци (зголемени производни трошоци или намалени приноси)
– националната економија (земјоделството има висок удел во БДП и ангажира голем дел од работоспособното население)
Во насока на идентификување на влијанието од климатските промени во земјоделскиот сектор, Мрежата на ЛАГови во рамки на проектот „Проценка на влијанието и можностите за прилагодување на климатските промени“ во Битола одржа пет фокус групи со земјоделци од општина Битола.
Ризиците од влијанието на климатските промени во земјоделскиот сектор станува голем проблем за што се појавува итна потреба за спроведување на директни мерки со што ќе се овозможи адаптација на земјоделските процеси на тие влијанија. На сите пет фокус групи, присутните земјоделски производители ги идентификуваа проблемите со кои се соочуваат во процесот на произвдство како резултат на влијанието на климатските промени.
Наглите промени на температурата со екстремно измерени високи и ниските мператури несвојствени за одреден период од годината и тоа како влијае на земјоделското производство. Суша и недостиг на вода од една или пак поплава од друга страна се состојби кои што ги идентификуваа земјоделците.
„Пролетните мразеви секоја година предизвикуваат штета кај овоштарите. Пчеларите се жалат дека пчелните семејства им се намалени, а поради недостаток на паша производството на мед е значително намалено. Ветровите кои невообичаено се присутни повеќе од еден месец предизвикаа сушење и недостиг на влага во почвата што им ја отежна работата на земјоделците во градинарскиот сектор, тутунопроизводителите и сите оние што се занимаваат со одгледување житни растенија. Нестабилното време и врнежите од дожд и град токму во овој период од годината им предизвикаа големи штети на производството на некои земјоделци“, ова се само дел од проблемите кои ги изнесоа земјоделците на средбите.
Земјоделците искажаа загриженост од постоечките состојби и се повеќе стануваат свесни дека е потребно дополнително делување за да може да се прилагодат на промените кои ги чувствуваат. Загриженоста е дотолку поголема што, како што велат, потребни им се големи инвестиции со чија помош би се прилагодиле на климатските промени, но не се во можност да си ги дозволат.
Целта на фокус групите е да се пронајдат начини за што полесно надминување на проблемите со кои се соочуваат земјоделците преку конкретни мерки за што, на крајот од проектот ќе биде изработена „Програма за прилагодување на климатските промени во земјоделскиот сектор во општина Битола“ која ќе биде доставена до локалната самоуправа во Битола.
ГРАЃАНИТЕ СЕ НАЈМАЛКУ ИНФОРМИРАНИ ЗА НАЧИНИТЕ КАКО ДА СЕ ПРИЛАГОДАТ НА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ. ПОТРЕБНИ СЕ ПОЗАСИЛЕНИ НАПОРИ И ВНИМАНИЕ ЗА ПРОМОВИРАЊЕ НА НАЈДОБРИТЕ ПРАКТИКИ ЗА АДАПТАЦИЈА И ЗА ПОДДРШКА НА РАЗВОЈОТ НА ПОСЕБНИ МЕРКИ ЗА АДАПТАЦИЈА.
Проектот „Проценка на влијанието и можностите за прилагодување на климатските промени во земјоделскиот сектор во Битола“ е финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија.