80 годишниот Благоја Нешкоски од селото Рилево во Општина Долнени секој втор ден веќе 5 години по ред со своето магаре оди и по 2 км. надвор од селото за донесе техничка вода за полевање на бавчата и за одржување хигиенски потреби. Сите бунари во селото во последниве неколку години пресушиле, исто и неговиот иако е длабок 13 метри.
„Тука во овој бунар има само уште 20 сантиметри вода и ништо повеќе. Не можам да ја употребувам за ништо, освен што им давам од неа на 10-тината кокошки кои ги имам, затоа што од оваа вода мии е страв да му давам и на стоката. Уште еден бунар има таму, но додека да извадам со кофата вода и да ги наполнам бурињата ми требаат 2 часа, не можам вака повеќе“, вели Нешкоски, жител на село Рилево.
Нешкоски по 20-минути стигна до бунарот. Но вели дека неможе повеќе да издржи вака, затоа што и оваа вода не може да се пие.
„Не можам да одам повеќе ми се тресат нозете. Ако можи да се помогни некако да дојдеме до вода дури сум жив арно, ако не што сака нека биди, не можам повеќе вака“ рече Нешкоски.
И неговата сопруга вели дека доколку не се промени ситуацијата живот во Рилево во иднина тешко дека ќе има.
„Вода нема ниту за миење, ниту за пиење, апсолутно за ништо. Ќе си дојдам од тутун нема вода се напијам. Многу пати се случило апчето да го ставам во уста, а вода да нема дома. Мизерија е ова невидена и тоа вака со години и години, триста болести добивме и ништо“, вели Трајанка Нешкоска, жител на село Рилево.
Селото Рилево има 50-тина постојани жители, а во лето и викенди кога се враќаат иселениците бројот се движи и до 100. Водовод немале никогаш, вода за пијање ваделе од бунарите, кои сега пресушиле, но и тие биле бактериолошки неисправни и често добивале стомачни заболувања. Сега вода за пијање полнат во шишиња во соседното село Ропотово.
„Ние можеме да дојдеме тука на два дена, па не можеш водата и бајата да ја пиеш. А овие постарите како ќе дојдат. Некогаш ние им носиме, некогаш тие доѓаат тука со магариња“, вели Данчо Атанасоски, жител на село Рилево.
Поради климатските промени за прв пат освен селските бунари пресуши и главната чешма која тие ја користеле како место од каде добитокот пијал вода. Вода нема ниту сред село кај главното поило.
„Два дена стокава се нема вода напиено, ај јас некако ќе се напијам, а говедата како. Ова поило тука нема вода, чешмата долу нема, сега што ќе правиме, каде оваа стока ќе пие“, додаде Атанасоски.
Во селото има и повратници, но за жал и тие размислуваат да се иселат поради тоа што нема вода.
„Јас како повратник од Австралија дојдов тука, направив куќа, вложив доста пари и беше намерата тука до селото да донесат вода и да се изгради пат, еве 7 години сум тука ни пат има, ниту вода“, вели Стојан Јосифоски, жител на село Рилево.
„Јас сум жител на Скопје, но роден сум тука. Мислам да се вратам тука откако ќе се пензионирам, реновирам тука, но без вода ништо“, додава Киро Петрески, жител на Скопје, кој е роден во селото Рилево.
Од пред 4 години до селото има доведено водовод, приклучен на регионалчниот водовод Студенчица, но вода до чешмите засега нема.
„Зошто не е пуштена водата одговор бараме во Општината, од таму ни велат дека ќе биде во понеделник, ама не кажуваат кој понеделник“, истакна Благоја Димески, жител на с. Рилево.
Од Општината велат дека наследиле водовод до селото кој не бил функционален. Тие го решиле проблемот со главните вентили, но сега екипи на терен работеле за да видат зошто низ цевководот не може да течи вода. Жителите пак велат дека се заборавени од државата со децении и очајно молат за помош. Велат срамота е во 21 век луѓето и стоката да умираат за вода.
„Со оваа сторија, Инфо Компас се приклучува кон кампањата „Разбистри сѐ“, финансирана од Британската амбасада во Скопје.“