Темата и областа на менталното здравје е навистина многу широка и опфаќа повеќе области. Еден дел од неа се и сè почестите нарушувања во навиките за јадење кои ги имаат луѓето. Имено, науката ги класифицира нарушените навики на јадење во категоријата на ментално здравје.
Проценките се дека околу 9% од популацијата ширум светот има ваков тип на нарушување. Ваквата состојба може да биде сериозно штетна и тешка за индивидуата. Затоа, денешната статија ја посветуваме на оваа тема, односно на нарушувањата во исхраната кај луѓето, т.н „eating disorders“.
Што претставува ваквата состојба?
Постојат повеќе дефиниции и начини на кои ваквата состојба се објаснува. Воглавно, ваквата состојба се дефинира како нарушен секојдневен однос кој треба да го имаме со храната, односно форма на опсесија кога станува збор за внесот на храна и контролата на телесната тежина. Луѓето кои го имаат ваквото нарушување и придаваат централно место во својот живот на храната и физичкиот изглед.
Ова се смета за сериозна здравствена состојба која може значително да влијае на физичкото и менталното здравје. Ваквата состојба не претставува избор на лицето, туку се појавува поради повеќе фактори – повеќето од нив биолошки, но и социјални.
Доколку не се третираат, ваквите состојби може да го контролираат животот на лицето и да доведат до сериозни, потенцијално фатални компликации. Тие се застапени кај луѓе од различни возрасти и кај секој пол, но статистички се почести кај жените. Најчесто се јавуваат за време на адолесцентноста и раните дваесетти години, но можат да се јават и подоцна во животот.
Кои се најчестите нарушувања и кои се нивните симптоми?
Нарушувања во исхраната постојат повеќе и всушност претставуваат група на состојби кои можат да предизвикаат низа на здравствени и емоционални проблеми. Секоја состојба подразбира сериозни и екстремни проблеми со храната и со телесната тежина, но сепак, сите имаат конкретни и различни симптоми.
1. Anorexia Nervosa – или само анорексија, е состојба во која лицата најчесто се лишуваат од храна до точка на изгладнување со цел помала телесна тежина. Луѓето со анорексија ќе се борат против потребата од храна, против природното чувство за глад. Покрај тоа, тие практикуваат и активности и вежби со цел да го лимитираат или елиминираат бројот на внесени калории. Емоционалните симптоми на анорексија подразбираат: надразливост, социјална повлеченост, влошено расположение или не покажување на емоции, нецелосно разбирање на степенот на сериозност на ситуацијата, страв од јадење во јавност и опсесивност околу исхраната и вежбањето.
Кај овие лица постојат разни ритуали поврзани со исхраната и може да постојат одредени групи на намирници кои целосно се избегнуваат.
Анорексијата може да остави сериозни физички и ментални последици. Дефицитот од калории и нутриенти значи дека лицето има премала телесна тежина, проблеми со развитокот и сл. Телото е приморано да „забави“ со цел да заштеди енергија, па така може да се јават ирегуларности во менструацијата, може да се јави констипација и болки во стомакот, нерегуларности во срцебиењето, низок крвен притисок, дехидрираност и проблеми со спиењето.
2. Bulimia Nervosa – луѓето кои ја имаат ваквата состојба најчесто се чувствуваат без контрола кога прекумерно, во кратки периоди, внесуваат огромни количини на храна, а потоа опсесивно пробуваат да се ослободат и да ги потрошат внесените калории. Тоа најчесто го прават преку присилно повраќање, прекумерно употребување на лаксативи или прекумерно вежбање. Ваквите активности се јавуваат во повторувачки циклуси и контролираат повеќе аспекти од животот на индивидуата. Оваа состојба има сериозно негативни ефекти врз физичкото и особено врз менталното здравје. Луѓето кои живеат со булимија се најчесто со нормална килажа или имаат сосем мала прекумерна тежина.
Емоционалните симптоми на булимија се најчесто: ниска самодоверба која е силно зависна од начинот на кој индивидуата изгледа, чувство на немање контрола, чувства на вина и срам поради јадење, повеченост од социјални интеракции и сл.
Како и анорексијата и булимијата предизвикува штета на физичкото здравје. Прекумерното јадење па подоцна и празнење можат сериозно да оштетат делови од дигестивниот систем. Присилното празнење може да доведе до дехидрираност и губење на минерали, односно електролити, што пак доведува до аритмија, срцева слабост и сл.
3. Нарушување со прекумерно јадење – луѓето со оваа состојба немаат контрола врз навиките за јадење и јадат огромни количества храна во кус период. Тие дури може да изедат и премногу храна кога не се гладни, па дури и кога се прејадени. Ова јавува чувства на срам, згаденост, депресија и вина кај ваквите лица. По ваквите „епизоди“ на внес на храна, овие лица не пробуваат да ја исфрлат храната од себе или прекумерно да вежбаат, активности што ги прават луѓето со булимија или анорексија. Tие најчесто имаат нормална или прекумерна тежина.
Зошто доаѓа до ваквите нарушувања во исхраната?
Ваквите нарушувања претставуваат сложени состојби. Експертите не знаат точно зошто доаѓа до нив. Сите лица со нарушувања од овој тип имаат заеднички проблеми околу внесот на храна и регулирање на телесната тежина, но експертите сметаат дека луѓето на овој начин, преку контролата и внесот на храната, се справуваат со нивните чувства и потешкотии. Нажалост, ваквата патека води до нарушено физичко и емоционално здравје, нарушена самодоверба и губење на контрола врз постапките и животот.
Фактори кои се смета дека допринесуваат кон појавата на ваквите состојби се:
Генетика – луѓето кои имаат блиски роднини кои страдале од ваквите состојби, имаат зголемени шанси самите да ги имаат.
Средината – притисок од средината и идеализирањето на одредени форми на тело, кои најчесто се и нереалистични и неизводливи, доведуваат до опсесивно и нездраво тежнеење кон таквата слика. Општеството наметнува нереални слики за жените и мажите и најчесто за жените тоа подразбира слабеење, а за мажите прекумерно вежбање и градење на мускулна маса.
Притисок од врсниците, колегите и сл. – ваквиот притисок и влијание од луѓето од околината може да има исклучително силно влијание кај младите луѓе. Навредливи коментари и шеги околу телесната тежина може да доведат до опсесивна желба за промена кај многу адолесценти.
Емоционално здравје – перфекционизмот, импулсивното однесување и нарушените односи со блиските се фактори кои допринесуваат кон намалена самодоверба и подложност кон вакви нарушувања во исхраната.
Овие нарушувања може да се јават кај секого, но постојат одредени дополнителни фактори кои ги ставаат одредени лица во поголем ризик, имено:
Возраста – најчесто ваквите нарушувања се јавуваат кај адолесцентите и лицата во своите дваесетти години.
Пол – жените и девојчињата се повеќе подложни кон овие состојби. Но, не треба да се потцени и зачестеноста која се јавува и кај мажите и момчињата.
Слабеење – режимите за слабеење може лесно да искочат од контрола и да преминат во вакво нарушување
Животни промени – започнување на нови поглавја од животот како факултет, ново работно место, развод и сл. се фактори кои поради стресот кои го носат, може да допринесат кон појава на овие состојби.
Како да се третираат?
Ваквите состојби може да се третираат и тоа се прави преку повеќе начини и техники. Тие ќе зависат од типот на нарушувањето и степенот, но воглавно ќе ги содржат следните елементи:
Психотерапија
Лекарства – најчесто антидепресиви и лекарства за смирување, бидејќи депресијата и анксиозноста се често застапени кај лицата кои ги имаат ваквите нарушувања.
Помош и консултација околу нутриционизам и следење на телесната тежина.
Секако, конкретниот начин на третирање ќе зависи од лице до лице и не сите ќе вродат исти резултати. Важно е ваквите состојби навремено да се дијагностицираат и да се третираат. Вината и осудата треба да се заменат со поддршка и разбирање, бидејќи само така ќе дојде до подобрување и успешно пребродување на проблемот.
Извор: Доктор Митов