Зошто е потребно кариерно советување?


Веќе одреден период во државава се прават обиди со цел да се воведе кариерното советување во образовните институции за да се сфати важноста и улогата на кариерното насочување на учениците во насока на нивна подобра вработливост. Планирањето на кариера е само еден од аспектите на поврзување на младите со пазарот на труд. Нејзиното воведување во сите аспекти на младинската работа и образованието е голем чекор кон модернизирање и унапредување на економските текови на општеството. Еден од клучните елементи на планирањето на кариера е кариерното информирање, насочување и советување. Тоа претставува сет на информации кои се потребни за планирање, добивање и задржување на работа. Информирањето вклучува собирање, структурирање и давање податоци за занимања, вештини, можни кариерни патеки, можности за учење, трендови и услови на пазарот на трудот, образовни програми, образовни установи и институции, владини и невладини програми, услуги и можности за вработување. Информирањето е основа и услов за сите други услуги на кариерно насочување.

Пред неколку години, Министерството за образование и наука со поддршка од проектот на УСАИД „Младинска мрежа за стекнување на вештини за вработување“ работеa на воспоставување на одржлив систем за кариерно советување, достапен за сите средношколци, вклучувајќи ги и младите со попреченост. Во тој период отворени беа 53 кариени центри во 53 средни училишта, каде биле обучени 180 наставници и стручни соработници за реализирање на активности поврзани со кариерното советување.

Останува прашањето колку од тие кариерни центри во училиштата продолжиле да работат според стандардите за советници за кариера, како и според програмата за кариерно советување?

Според подароците на АВРМ во кварталниот извештај според школската подготовка на невработени лица, најголем број на невработени по општини имаат лицата со завршено средно и високо образование1. Овој податок укажува дека не постои компатибилност на продуцираните кадри во согласност со побарувачката на пазарот на трудот.

Според наодите од Државниот завод за ревизија за успешноста на владините мерки за справување со ризиците на пазарот на трудот и начинот на планирање на средствата за надминување на истите2 се истакнува дека младите луѓе во Македонија се соочуваат со потешкотии при транзиција од образование кон пазарот на труд, а значаен дел од нив се долгорочно невработени, со што ги губат стекнатите знаења и вештини, нивната продуктивност се намалува, а со тоа и можностите да најдат работа.

Со стратегијата за образование 2018-2025 која е насочена кон подобрување на услугите за професионална ориентација и кариерно насочување, забележано е дека се спроведуваат активности за кариерно советување и насочување во средните училишта, но не и во основните училишта каде исто така би требало да биде ставен фокусот. Изборот на кариера започнува уште при избор на средно образование, за што потребни се активности за кариерно советување и насочување уште во основно образование.

Постојат ученици кои потекнуваат од различни средини и се соочуваат со различни потешкотии и ситуации, ученици со родители кои се зависници на опојни средства, кои имаат проблем со гнев, ученици кои се асоцијални, има и такви кои венсуваат широк спектар на проблеми во однесувањето и искажувањето на емоции во училницата, и многу други…

На тие млади им е потребен училишен советник кој на некој начин ќе им даде шанса и насока во животот. Преку кариерното советување може да се процени ситуацијата на учениците од ралични аспекти – нивната перспектива, нивните родители, нивните наставници и останати надворешни влијанија. Преку кариерниот советник учениците може да добијат бесплатна советодавна услуга лице в лице која може да ја користат. Средбата со кариерниот советник може да биде и првата средина каде што би можело да се открие злоупотреба на учениците, или пак обиди за самоповредување и асоцијализирање.  Се разбира, кариерниот советник не може да работи сам во обезбедувањето на услуги за поддршка на учениците и треба да биде помогнат од стручна служба, младински работници, социјални работници, образовни програми, психолози и сл.

Кариерното насочување и советување во образовните системи треба да биде приоритет во насока на креирање на компетентна работна сила која ќе соодветствува со потребите на пазарот на трудот.  Во недостаток на приоритет за задолжително насочување и советување на учениците и младите, кај нас празнината ја пополнува граѓанскиот сектор кој ја идентификува ваквата состојба како клуч за поддршка на развојот на младите. За таа цел, Коалиција СЕГА, веќе 8 години работи на градење на капацитетите на младинските работници и институциите поддржувајќи ги со обуки и алатки/прирачници за кариерно советување и насочување кои би придонеле кон зголемени капацитети и компетниции за кариерно насочување и советување, а со тоа и поддршка на локалниот развој на младите.

1https://av.gov.mk/content/Statisticki%20podatoci/%D0%A4%D0%B5%D0%B2%D1%80%D1%83%D0%B0%D1%80%D0%B8%202021/P3_obrazovanie022021.pdf  (преглед на невработени лица според школска подготовка 28.02.2021)

2Државен завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Владино планирање – Ефективност на владини мерки за справување со ризиците на пазарот на трудот и начинот на планирање на средствата за надминување на истите“, за периодот 2017 – 2020 година.

Автор: Лела Јурукова, соработник за логистика и членство во Коалиција СЕГА

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи