Колку младите имаат влијание во локалниот развој?


Неодамна го прославивме 12 август, меѓународниот ден на младите. Како и секоја година, меѓународните организации, граѓанските организации, активистите и младите го одбележуваат овој датум и повикуваат на подобар живот за младите. Прашањето кое треба да си го поставиме е: дали со пораките успеваме да допреме до клучните чинители во државата? Дали оние кои што се на позиција на моќ, при секојдневното одлучување размислуваат како ќе се рефлектира секоја нивна одлука врз добросостојбата на младите?

Политичарите, а посебно оние кои што се активни на локално ниво, треба да имаат предвид дека секоја одлука или политика што ја донесуваат, мора суштински да придонесе кон враќање на довербата во институциите. Понатаму, следствено на тоа, политичарите мора долгорочно да визионираат како да ги задржат младите во државата. И тоа да го прават заедно со младите.

Дали го прават тоа моментално? Не сум целосно убеден бидејќи сите истражувања покажуваат дека младите константно размислуваат за напуштање на државата. Младите не гледаат перспектива на долг рок во оваа држава. Меѓутоа, тоа сега не е повеќе само поради невработеноста или ниските плати. Сега во прашање се сите параметри на едно општество. Параметри кои се однесуваат на владеење на правото т.е. еднаква примена на законот за секого, пристапот до и квалитетот на образованието, квалитетот на здравствените и социјалните услуги, пристапот до чист воздух, пристапот до квалитетни и веродостојни информации како и многу други „ситници“. Според тоа, младите немаат доверба во институциите кои треба да обезбедат квалитетни услуги поврзани со сите општествени процеси, а посебно на горенаведените параметри.

Младите сè уште не можат целосно да го практикуваат правото на слободно изразување на своето мислење, без притоа да имаат последици за тоа! Пратениците треба да направат напори (и во Собранието и во Општинските Совети) да се среќаваат со младите и да ги слушнат нивните мислења. Во Финска на пример функционира Младински парламент, каде младите имаат можност редовно да дискутираат со пратениците на Финскиот Парламент, односно да делуваат како новинари и да им поставуваат прашања кои ги засегаат нив. Во Австрија функционира механизам наречен „Младинска проверка“ (youth check) со кој се врши проценка на влијанието на секој нов закон врз младите, со што се демонстрира грижата која државата ја има за младите. Кај нас веќе не може да биде изговор „Далеку сме ние од западните држави“ – мора да целиме високо ако навистина сакаме развој!

Влегуваме во предизборен период каде што треба да се бираат локални лидери и донесувачи на одлуки. Како да се подобри имиџот на политичките партии пред младите? Политичките фактори мора да го променат пристапот при планирање на политичките изборни програми. Партиите мора константно да ги консултираат младите за нивните интереси на подолг рок, односно да ги програмираат мерките врз база на истражување и докази. Но она што е уште побитно, партиите мора да гарантираат изводливост на мерките кои се однесуваат на младите.

Дополнително, она што треба да го размислуваат сите политички актери кои сакаат да ја вратат довербата кај младите, е како да размислуваат и делуваат низ призмата на одговорност. Тоа значи дека треба да бидат транспарентни не само околу успесите но и за неуспесите. Треба да промовираме, не само помеѓу гласачите но и кон младите кои сè уште не се гласачи, дека преземањето одговорност е доблест и човечки квалитет кој може да промени на подобро. Понатаму, системот (институциите) треба да промовира култура на консултација и учество на младите кога ќе се дискутираат сериозни теми кои ги засегаат и нив и тоа да стане редовна практика. Тоа подразбира дека системот мора да се менува за да се прилагоди на учеството и да обезбеди функционални механизми на редовна консултација. А следствено на тоа, треба да се поттикнат, едуцираат и охрабрат младите на критичко мислење и изразување на својот став околу општествените процеси.

Но она што е најбитно – институциите мора навистина да ги земат предвид и да ги уважат мислењата на младите и да ги вградат во решението! Се надевам дека општините ќе направат сериозни напори за примена на Законот за младинско учество и младински политики, преку воспоставување на Локални Младински Совети, креирање на локални стратегии за млади кои ќе се развиваат заедно со младите и ќе креираат средина во која младите ќе размислуваат позитивно и ќе гледаат перспектива во својата локална заедница.

Дури тогаш ќе можеме да зборуваме за средина во која младите ќе ги уживаат своите човекови права, средина во која ќе можат да го изразат своето мислење кое ќе имаат влијание врз општествените текови, средина која ќе овозможи младите да ја враќаат довербата во државата.

Автор: Томислав Гајтаноски, раководител за развој на ресурси – Коалиција на младински организации СЕГА.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи