Кога станува збор за поддршка и креирање нови можности за младите постојат различни ЕУ програми за млади кои нудат широк спектар на можности за вклучување во различни активности на локално, национално и меѓународно ниво, една од тие програми е Еразмус плус. Програмата нуди можности за меѓународни младински размени, обуки за млади, волонтирање во други земји и друг тип на активности во кои младите можат да се вклучат со цел да стекнат меѓународно и интеркултурно искуство.
Новата програмата Еразмус + која се спроведува во периодот од 2021-2027 година овозможува учество на разни чинители и широк спектар на организации. Во оваа насока, новата програма ја нагласува инклузивноста, зелените иницијативи и дигитализацијата како клучни и најважни приоритети што се поддржуваат преку финансиски механизми, потоа во клучните приоритети се вклучуваат и зајакнување на граѓанските вредности, дијалог на културите, толеранција и разбирање на социјалното, културното и историското наследство.
Во реалноста често овие програми остануваат нејасни за младите кои немаат доволно информации како да се вклучат во истите и да ги искористат можностите. Како еден од начините на кои младите можат да се вклучат се младинските организации и младинските центри каде можат подетално да се информираат за истите. Понатаму училиштата, факултетите и другите невладини организации се клучни во информирање и вклучување на младите во разни проектни активности. Иницијативноста на младите од друга страна е исто така битен фактор за нивно вклучување во активности.
За студентите постои исклучителна можност за слушање на еден семестар во некоја од Европските земји. Генерално нашите универзитети се запознаени и веќе ја работат оваа програма доволно е само да прашате за да се информирате 😊 .
Програмата Еразмус+ нуди бројни можности за младите. Следниве можности за учество во програмата им се достапни на институциите и поединците од областа на младите:
Младински размени – Можноста да се учествува на младинска размена нуди уникатно искуство за секој млад човек. Група на млади лица на возраст од 13-30 години од Македонија и група на млади од минимум уште една друга земја, може да учествуваат на младинска размена која би можела да трае од 5 до 21 ден. На размената младите се сретнуваат, дружат, истражуваат, учат преку методи на неформално образование за разни теми кои се актуелни меѓу младите во ЕУ.
Мобилност на младински работници – Мобилноста за младинските работници во програмата Еразмус + овозможува професионална обука на младински работници од нашата држава и миниум уште една друга земја. Професионално обуката е во форма на неформално образование преку учество во меѓународни активности како што се: семинари, обуки, настани за воспоставување контакти и соработка итн.
Проекти за активно учество на младите – Овој тип на проекти дава можности за вклучување млади луѓе од Македонија во процесите на одлучување и донесување на одлуки за прашања што се од најголемо значење за нив. На младите им се дава можност да комуницираат со носителите на одлуки на локално и/или меѓународно ниво.
Партнерства за соработка во областа на младите – Тоа се проекти што им овозможуваат на организациите да учествуваат со проекти за меѓународна соработка насочени кон зголемување на квалитетот на услугите и активностите кои ги обезбедуваат за сите актери кои се во младинска работа.
Од друга страна пак, програмата Еразмус + обезбедува поддршка за учесниците во сите фази од нивниот живот, од училишна возраст па се до зрелост, во наоѓање стимулативни можности за учење низ Европа, и во и надвор од училницата. Програмата нуди можност за доживотно учење, стекнување животни вештини и меѓународно искуство што има позитивно влијание на образовен, професионален и личен развој, повикувајќи учество во разни активности.
Програмата Европски Солидарен Корпус е посебно дизајнирана програма која нуди можност за волонтерско искуство на млади на возраст од 18 – 30 години во времетраење од 2 до 12 месеци, со цел стекнување на искуство и запознавање на друга култура. Европскиот Солидарен Корпус се заснова на достигнувањата од претходно успешно спроведени програми и промовира солидарност како вредност. Волонтирањето на младите луѓе им овозможува да стекнат искуство преку спроведување на високо квалитетни активности базирани на солидарност во локалната заедница.
Волонтерството со своите основни вредности и карактеристики е главна тема на секој проект, но како активност секоја инволвирана страна има свои обврски, треба да исполнат одредени задачи и да се почитуваат основните правила на програмата.
Европскиот Солидарен Корпус ги зближува младите луѓе за да изградат по инклузивно општество, а во исто време, им овозможува да стекнат корисно искуство, вештини и компетенции за нивниот личен, едукативен, социјален, граѓански и професионален развој.
Солидарноста е она на кое треба да се насочиме и да работиме, мора да бидеме посветени во зајакнување на заедниците, со посебен напор за промовирање на социјалното вклучување на младите. Нашата улога како младинска организација е да помогнеме во решавање на новите предизвици и да работиме на поголема инклузија заедно со останатите чинители во заедницата.
Автор: Мариче Тренескa