Ако до вчера прилепското село Клепач никој воопшто не ни знаеше дека постои, ниту пак некој знаеше да го најде на картата, тоа денес стана едно од најпознатите места во Македонија особено кога станува збор македонско-бугарските односи. Имено министерството за надворешни работи на Бугарија на привремениот шеф на македонската амбасада, Владимир Крстевски му врачи протестна нота поради замена на како што велат бугарски споменик на војводата Велко Скочивирчето и неговата чета. Екипата на Сител денес го посети селото Клепач и спорниот споменик кој се наоѓа во црковниот двор. Станува збор за надгробен споменик, во гроб каде почиваат останките на овие револуционери.
Поразговаравме и со жителите на селото Клепач, а дел од нив беа и потомци на некои од загинатите војводи. Но тие не сакаа да дадат изјава во камера. Жителите на селото Клепач, дел од нив потомци и на овие војводи кои се напишани тука на овој споменик велат дека споменикот е променет оваа пролет, затоа што гробното место каде што почивале останките на војводите било комплетно руинирано и тие требало да добијат достојно вечно почивалиште. Исто така велат дека споменикот е заменет со македонско писмо, затоа што според нив овие луѓе тука се бореле и загинале за ослободување на Македонија од османлискиот окупатор и дека на ова место никогаш ниту имало Бугари, ниту некој од нив се борел за Бугарија.
Жителите на Клепач велат дека стариот споменик не е искршен туку само е тргнат и го чуваат во еден дел од црковниот двор. Според историчарот Зоран Богески Бугарија врши политичка злоупотреба на целата ситуција затоа што тој надгробен споменик не е културно богатство заштитено со закон и не подлежи на никакви посебни процедури ако се интервенира врз него. Според Богески не се спорни ниту напишаните презимиња кои завршуваат на ски, затоа што и овој дел Бугарија имала направено фалсификување на историјата.
„Интервенцијата на која е поставен споменикот во текот на Првата светска војна, самата бугарска држава тогаш извршила еден вид фалсификат со самото тоа. Сигурно Велко Скочивирчето не се борел за обединување со Бугарија. Значи вие кога ги гледате документите од многу локални преродбеници, навистина ќе ги сретните со име и презиме на „ски“, а во официјалните архивски документи е корегирано презимето на „ов“, така што и овие посочени револуционери и членови на четата кои се загинати, да се направат теренски истражувања, доколку се најдат документи и со други случаеви што има, буквално ќе се документира дека презимињата се на „ски“, изјави Зоран Богески, историчар.
Од МНР засега нема реакција на протестната нота од бугарска страна.