И денес сме на вистинската страна исто како пред 80 години, истакнува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во честитката по повод државниот празник.
„Денеска со гордост и достоинство го одбележуваме 11 Октомври, како еден од најзначајните датуми во нашата историја, како паметник и потсетник дека пред 80 години македонскиот народ ја донесе вистинската одлука – да пристапи кон антифашистичката коалиција, кревајќи востание како почеток на народното ослободително движење. На 11 Октомври 1941 година Македонија кажа НЕ на фашизмот, како најголемо идеолошко зло во современата историја на човештвото и цврсто застана на страната на напредните цивилизациски и демократски вредности.
11 Октомври претставува непобитен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Тоа е датумот на едно победничко востание, континуум на слободарските традиции на нашиот народ … Затоа е еден од најсветлите датуми во нашата историја. Затоа и засекогаш ќе се поклонуваме на храброста на нашите предци, на оние од Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, на оние што во областа „Студена вода“ го формираа Кумановскиот односно Козјачкиот партизански одред, а кај „Менкова колиба“ и Карадачкиот партизански одред. Но и на сите оние кои во чекор ги следеа во нивниот подвиг и жестоко се бореа за остварување и зачувување на идеалите за слобода, рамноправност и сувереност. Благодарение на нив, на нашите борци, нашата земја даде огромен придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна. Благодарение на нив го дочекавме сопственото ослободување! Без ова ослободително движење Македонија немаше да постои! Таа е создадена од азбуката на нашето минато, од илјадниците борци кои ги положија своите животи, создадена е од историјата. Токму затоа и не можеме да ја менуваме историјата. Таа не ни припаѓа нам, туку ние на неа!
11 Октомври е вредно наследство кое го добивме од учесниците во Народноослободителната борба. Со длабока почит кон нив, пред спомените и спомениците кои сведочат за нивните херојства, сите ние – претходните и идните генерации – сме обврзани да го чуваме тоа наше завештание, да ја негуваме нивната непоколеблива верба во слободата и да продолжиме да ги чуваме и негуваме нивните идеали и визии. Тоа ја покажува нашата длабока свест дека не сме дрво без корен. Бидејќи без разлика што историјата припаѓа на минатото, нејзиното разбирање е обврска на сегашноста, наша обврска!
Впрочем, оваа антифашистичка борба мора да биде точка на обединување на сите граѓани, независно од партиска, верска или етничка припадност. Само така ќе ја оствари својата цел. Сега, радувајќи им се на слободата и државноста, остануваме посветени на задачата да ја чуваме и развиваме нашата татковина и да ги почитуваме демократските вредности и вредностите на сите народи во земјата, на сите заедници кои живеат тука и го создаваат нејзиниот културен колорит, нејзиното современо богатство, да дадеме уште еднаш свој придонес кон напредните цивилизациски вредности. Така изгледа модерниот патриотизам, така изгледа европската визура на Република Македонија.
Нека ни е честит и вековит 11 Октомври!
Да живее Република Македонија“, се вели во честитката на Спасовски.