Правно регулирање на вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност


Правото на вработување во Република Северна Македонија е регулирано со Уставот на РСМ, но и голем број на закони и подзаконски акти, како и со колективни договори. Тоа значи дека ова право е правно нормирано и истото не смее да биде спречено, нарушено или на било кој начин ограничено од било кое физичко или правно лице.

Согласно податоците на Државниот завод за статистика[1] во II тримесечје од 2021 година, активното население во Република Северна Македонија изнесува 945 412 лица, од кои вработени се 795 271, а 150 141 лица се невработени.

Прашањата поврзани со вработувањето се регулираат со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност[2] со кој се уредуваат прашањата за размена на трудот, правата и обврските на работодавачите, невработените лица, други лица кои бараат работа и државата, во врска со вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност и други прашања од значење за вработувањето. Со овој Закон се регулира и обврската на граѓаните за редовна евиденција во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, но и взаемната соработка со работодавачите и граѓаните.

Законот ги уредува и прашањата поврзани со осигурувањето во случај на невработеност, па така законот определува дека работниците кои се во работен однос, задолжително се осигурени во случај на невработеност, при што права на осигурување се: паричен надоместок, подготовка за вработување (обука, преквалификација или доквалификација), право на здравствена заштита, во согласност со прописите за здравствена заштита, право на пензиско или инвалидско осигурување во согласност со прописите за пензиско и инвалидско осигурување на невработеното лице корисник на паричен надоместок на кое му недостасуваат најмногу до 18 месеци пред исполнување на услови за стекнување на право на старосна пензија, а кое нема 15 години стаж на осигурување, до остварување на 15 години стаж на осигурување и права на инвалидни лица за вработување со поволни услови во согласност со закон. Сите овие права може да ги остварува лицето кое останало без работа, а кое ќе поднесе соодветно и навремено барање до АВРСМ во зададените рокови согласно законот.

Кога станува збор за остварување на овие права, за жал многу од граѓаните не се доволно запознаени со истите, па често се случува да ги пропуштат роковите за остварување на истите, па вината ја префрлаат на институциите или работодавачот кој не ги известил. Токму поради тоа, потребно е да се посвети поголемо внимание на информирање на граѓаните за овие права како би можеле правилно и навремено да ги остварат, бидејќи пропуштањето за остварување на овие права повлекува други правни дејствија кои најчесто се на штета на лицето кое останало без работа.

Со цел подобрување во остварувањето на овие права, но и подобрување на работата на АВРСМ која треба да има активна улога во остварување на работничките права на граѓаните, Здружение Станица П.Е.Т. остварува различни активности и информирање на граѓаните за остварување на правата од вработување и осигурување во случај на невработеност.

Така, изминатиот период Здружение за правна едукација и транспарентност Станица П.Е.Т. е партнер на проектот: „Граѓанските приоритети, темел на јавните услуги и политики“, кој се спроведува во соработка со Здружение ЕСЕи други здруженија. Во рамките на проектот граѓаните имаат можност да ги искажат своите ставови, размислувања и искуства во врска со остварувањето на своите права во рамките на институциите, а посебно во АВРСМ. Како главни активности на проектот се предвидени формирање на координативно тело во кое членуваат претставници од партнерските организации, планирани се неколку средби на координативното тело, подготовка на прашалник за прибирање на мислења на граѓаните за најпогодниот начин за нивно вклучување од страна на јавните институции и оценување на квалитетот, задоволството и пристапот до услугите и подготовка на план за унапредување на приоритетните предизвици со кои се соочуваат граѓаните, кои подоцна ќе бидат имплементирани во електронската платформа на АВРСМ.

Сите овие активности можат да доведат до подобрување во остварување на правата на граѓаните, но секако треба континуирано да се работи на активна комуникација помеѓу граѓаните, работодавачите, институциите и граѓанските организации, која има клучно значење во остварување на овие права.

[1]Државен завод за статистика, соопштение, https://www.stat.gov.mk/PrikaziSoopstenie.aspx?rbrtxt=98 (29.11.2021)

[2]Закон за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, Сл. Весник на РСМ (консолидиран текст), бр. 37/1997; 25/2000; 101/2000; 50/2001; 25/2003; 37/2004; 4/2005; 50/2006; 29/2007; 102/2008; 161/2008; 50/2010; 88/2010; 51/2011; 11/2012; 80/2012; 114/2012; 39/2014; 44/2014; 113/2014; 56/2015; 129/2015; 147/2015; 154/2015; 27/2016 и 119/2016)

Автор: СТАНИЦА П.Е.Т. ПРИЛЕП

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи